Француски државјанин, кој кон крајот на мај бил уапсен на украинско-полската граница, планирал серија напади во Франција во пресрет и во текот на Европското првенство во фудбал. Кај него во моментот на апсењето биле пронајдени 125 килограми експлозив, објавија денеска украинските власти.
Шефот на украинската Државна безбедност (СБУ) Василиј Грицак изјави дека неименуваниот Французин бил во контакт со украински илегални вооружени групи, со цел од нив да купи оружје и експлозиви, пренесоа британските медиуми.
– Французинот негативно зборувал за потезите на својата влада, за масовната миграција, ширењето на исламот и глобализацијата, како и за плановите да изврши повеќе терористички напади, рече Грицак на прес конференција во Киев.
Француската телевизија „М6“ во саботата објави дека 25-годишникот бил уапсен кон крајот на минатиот месец на украинската граница, а кај него во автомобилот бил пронајден арсенал со оружје и експлозив, вклучувајќи и ракетни фрлачи и калашникови.
Портпаролот на украинската погранична служба, Олег Слободијан, истиот ден потврди дека Французинот е уапсен, додека портпаролот на украинската безбедносна служба СБУ одби да даде коментар за апсењето.
Уапсениот маж, кој во моментов се наоѓа во украински затвор во очекување на можно испорачување на француските власти, планирал да изврши напад во својата земја, објави телевизијата „М6“.
Европските безбедносни органи се особено внимателни откако џихадистите во Париз, во ноември минатата година, извршија терористички напади во кои беа убиени 130 лица, како и по нападите во Брисел од март годинава, кога во метро и на аеродром беа убиени 32 лица.