Гардијан: Македонија се соочува со криза по нискиот одѕив на референдумот


Македонија се соочува со политичка криза по неочекувано нискиот одѕив на гласачите на историскиот референдум за преименување на балканската држава.

Граѓаните беа запрашани дали го прифаќаат важниот договор склучен со Грција, со кој државата би се преименувала во Северна Македонија како отскочна штица за членство во Европската Унија и НАТО.

Но 30 минути пред да се затворат избирачките места се чинеше дека повиците за бојкот на гласањето имаа ефект, бидејќи гласаа само 34,7% или 623.000 луѓе, вели весникот.

Социјалдемократскиот премиер Зоран Заев, кој сега мора да се соочи со задачата да го протурка контроверзниот договор во парламентот, ја отфрли идејата дека референдумот бил неуспешен бидејќи не бил достигнат прагот. Со 98,04% преброени гласови, 91,49% гласале за договорот.

Заев ја вложи својата политичка иднина во влегувањето на земјата во западната сфера. „Сега волјата на народот… мора да биде преточена во политичка активност во парламентот“, изјави тој за новинарите, инсистирајќи дека ако договорот не биде ратификуван од пратениците, тој ќе прибегне кон „онаа другата демократска алатка“ и ќе свика предвремени парламентарни избори.

Пред скопскиот парламент од ерата на комунизмот се собраа демонстранти и беше подигната бина со парола дека „народот го бојкотира геноцидот. Никогаш Северна, секогаш Македонија“.

„Ова е лош ден за Заев и прекрасен ден за Македонците“, рече Мартин Дуковски, стоејќи пред зградата со големо црвено-жолто македонско знаме. „Јас сум горд Македонец. Владата мора да го повлече овој договор. Мора да ѝ каже ‘не’ на Грција.“

Ниту едно гласање не било олку историско, ниту проникнато со толкави чувства – уште откако нацијата прогласи независност во 1991 година, вели Гардијан. Референдумот се одржа на фонот на поделеноста, потенцијално експлозивните емоции, а Русија почна засилено и тајно да се труди да ја спречи Македонија да тргне кон запад. Работејќи заедно со тврдокорните националисти на бојкотирање на гласањето, Москва отворено изрази вознемиреност од договорот со Грција, вели весникот.

Мал број проблеми во копнената Македонија олку го поделиле народот. Многумина тврдат дека бидејќи името на нивната земја го претставува и длабокото чувство на идентитет, да барате од нив да го променат е еднакво на уништување на опстанокот на нацијата.

„Јас се викам Македонка“, вели една црнокоса хотелска гардероберка, упатена кон избирачко место во едно локално училиште во центарот на Скопје. „Што ќе направат тие (Грците)? Ќе бараат да го сменам?“

Шансите да се обезбеди мнозински одѕив беа отежнати со тоа што Избирачкиот список е драматично скратен поради младите луѓе што емигрираа во потрага по работа. Од 1,8-те милиони на листата, се верува дека околу 600.000 се преселиле во странство.

Освен од официјалните претставници на ЕУ и западот, вели Гардијан, референдумот беше внимателно следен во соседно Косово, каде што жестокото противење на можноста за размена на територии со Србија поттикна илјадници луѓе да излезат на улиците во саботата. За жал на албанското мнозинство на таа мултиетничка територија, Москва ја поддржува идејата за размена на територии.

„Многу сакаме Македонците да го прифатат овој договор и да му се придружат на НАТО“, рече Албин Курти, опозицискиот политичар чие движење, Ветевендосје, ги организираше протестите. „Тоа ќе ги одврати руските амбиции и мешање во регионот“, вели тој за Гардијан од својата канцеларија во Приштина. „И тоа не можеше да дојде во подобро време“.

MKD.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1