Постапката за утврдување на способноста на кандидатите кои испратиле пријава за учество во тендерот за гасификација на Скопскиот регион е се уште во тек, изјави за МИА портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев
– Согласно принципот на доверливост, додека таа постапка не заврши, ние не можеме да соопштиме детали од неа, рече Ѓорѓиев.
Дистрибутивната мрежа на природен гас во Скопскиот регион треба да се гради по принципот на јавно-приватно партнерство, а се проценува дека ќе чини околу 100 милиони евра.
Концесијата ќе се додели за период од 20 години. Концесионерот во рок од четири години ќе треба да изгради 70 проценти од дистрибутивната мрежа во овој регион кој опфаќа 17 општини.
Анализите покажуваат дека гасификацијата претставува исплатлива инвестиција како за домаќинствата, така и за бизнис секторот. За една третина ќе се намалат трошоците, а инвестицијата се враќа за една до три години.
За просечен стан од 80 метри квадратни, приклучокот кон оваа мрежа ќе чини околу 100 евра, а над оваа квадратура ќе се доплаќа по 1,25 евра за метар квадратен. Приклучокот за комерцијалните објекти ќе биде по 1,25 евра по метар квадратен. Скопскиот регион ќе биде првиот од планираните три региони во државата кои ќе се гасифицираат.