Германскиот министер за земјоделство, Кристијан Шмит, се залага за укинување на одредбата за препорачан рок на траење на производите, затоа што смета дека тоа не е вистинкиот рок, а Германците и онака фрлаат премногу храна.
Секој од 80-те милиони граѓани на Германија, годишно фрла в ѓубре 82 килограми прехрамбени продукти, или повеќе од 6,5 милиони тони.
По правило, само малку од тоа е навистина расипано или му поминал рокот на употреба по кој тие производи може да бидат опасни по здравјето на потрошувачите. Многу често, во канта завршуваат производи на кои штотуку им поминал рокот означен како препорачан рок за употреба. Тоа всушност, е многу еластичен поим: до тој датум производителот гарантира дека производот ќе ги има истите особини кои треба да ги има во однос на вкус, боја, мирис, конзестинција, хранлива вредност. По тој датум, многу веројатно е дека производот ќе ги задржи тие својства и може да помине уште многу време додека производот навистина не се расипе.
Се покажало дека производителите се многу „штедливи“ во тие препорачани рокови, затоа што сметаат дека ако на некој производ му поминал рокот, потрошувачот ќе го фрли, а многу веројатно е дека ќе купи нов.
Резултат на тоа е куп фрлена храна. Тоа, министерот за земјоделство на Германија го натерало да покрене иницијатива за укинување на ознаката на препорачан рок на употреба.
„Масовно фрламе добри намирници затоа што производителите поставиле преголеми безбедносни мерки до рокот кога производот навистина се расипува“, вели Шмит за медиумската група „Funke“.
Многу производи се фрлаат во канта, иако сѐ уште може да се јадат, а нивното конзумирање не го загрозува здравјето.
Таквиот препорачан рок на употреба во Германија е воведен пред повеќе од триесет години и само во ретки случаи навистина има смисла.
Особено кај пекарските производи, како крекери и двопек – кои ќе може да се јадат и по рокот на употреба, но можеби нема да крцкаат како првиот ден кога излегле од фабриката. Кај некои намирници тој рок е потполно бесмислен, како на пример кај солта или шеќерот, кај кои и е укинат.
Секако, министерот Шмит, не сака на Германците на овој начин да им сервира небезбедна храна или расипани намирници. Тој се залага за интелигентни пакувања, какви веќе одамна се достапни. На пример чип на јогурт, кој би имал податоци, каков е јогуртот внатре. Министерот појаснува дека може на пример да се постави скала од зелена до црвена нијанса и секој да одлучи до која боја ќе го консумира производот.
На тој начин поефикасно би се користела храната. Исто така, на пакувањата со месо, може да се стави налепница која менува боја и која кажува дали месото може да се приготви и да се јаде или е расипано.
Германското министерство ги потпомага истражувањата за паметни пакувања и тие би требало да се претстават за три години.
Поимот за препорачан рок е во употреба секаде во Европа, а германскиот министер вели дека на ниво на Европската унија се шири свеста за тоа дека премногу добра храна се фрла в ѓубре.
Тоа не е само етичко прашање туку со оглед на тоа дека милиони умираат од глад во светот тоа нас „не удира по џеб“. Според резултатите од универзитетот во Штудгарт, секој Германец годишно фрла по 200 до 260 евра в канта, фрлајќи добра храна, која можел и да ја јаде.