„Најлошо е кога ќе дојде зима бидејќи немаме чизми, а патиките пропуштаат вода па цел ден седиме во училиште со влажни нозе. Затоа често сме болни“, вака Даниела Митровиќ (11) од Србија ја започнува нејзината приказна.
Таа со братот Мартин (9) и таткото Миодраг (39) живеаат во тешки услови во Ниш. Како сиромаштијата да не е доволна несреќа, па од минатат година тие се подстанари бидејќи подземните води им ја уништиле куќата. Таткото Миодраг бил принуден да изнајми стан иако добива само социјална помош и детски додаток. И покрај се, Мартин е одлично момче, а Даниела многу добра.
– Во изнајмениот стан е страшно, бубашваби насекаде. Одат преку стол додека јадеме, на чиниите се шетаат, по ѕидовите, по штеќерите… Вчера вриштев кога ја отворив перницата беше полна со бубашваби. Се плашам додека спијам да не ми влезе во уво, вели Даниела.
Братот и сестрата тагуваат бидејќи немаат ништо до зимска гардероба, а често заминуваат на спиење гладни.