Приказната за 23-годишниот Сем Шмид можеби може да ве натера малку повеќе да имате верба во чудата на природата, или организмот, или ете, за некои можеби и божјите чуда. Независно, не сме тука да судиме за што станува збор.
Во октомври, 2011 година Сем доживеа верижна сообраќајка. Во стравичниот сообраќаен инцидент учествуваа пет автомобили, а Сем доживеа тешка повреда на мозокот поради која медицинскиот тим го прогласи за мртов на местото на несреќата.
Кога беше одведен во болница, докторите разговараа со неговите родители за тоа да го исклучат од апаратите за одржување во живот. Но, во декември, кога неговите родители веќе размислуваа за донирање на неговите органи, Сем се разбуди од кома.
После две години рехабилитација, Сем минатиот месец излезе од невролошкиот институт Бероу во Феникс. „Изненаден сум од крајните резултати. Бев подготвен да ја прифатам сета помош која ми ја нудеа овде и моето опоравување е базирано на многу труд и работа“, признава Сем.
Многумина мислеа дека никогаш нема да се опорави од несреќата. Кога стигна во Бероу не можеше да оди, имаше проблеми со голтањето и говорот. „Неговата состојба најдобро може да се опише како кревка, физички и емотивна“, изјави невропсихологот Кристи Хаск.
Личноста која никогаш не се сомневаше во неговата способност за опоравување беше неврохирургот Роберт Спецлер. Наспроти тоа што другите имаа реални причини да веруваат дека мозокот на Сем е мртов, Спецлер веруваше дека Сем може да успее.
„Многу нешта појдоа на лошо. Имаше крварење, анеуризам и мозочен удар, но немаше крвно згрутчување во највиталниот дел од мозокот, а сите знаеме дека од тоа не може да се опорави. Немаше масивен мозочен удар, поради кој би можеле да предвидиме дека нема шанси за егзистенција“, објаснува Спецлер.
Неговата мајка, Сузан Реган, опоравувањето на Сем го нарекува божји дар.
„Секој ден му е сè подобро. Мислам дека тоа е чудо. Беше толку блиску до смртта и се врати назад. Бог имаше голема улога во сето тоа“, заклучува мајката.
Taratur