„Само нè лажат на први ќе земеме, на петнаесетти, а еве уште не ни ги исплатиле платите.
Ова е ситуација присутна во најголемиот дел од фирмите во Македонија.
Работењето без плата во Македонија стана секојдневие за голем број работници, иако станува збор за кршење на законските одредби. Имено, поред Законот за работни односи (член 109) платата мора да биде исплаќана во интервали не подолги од еден месец, најдоцна до 15. следниот месец, а ако има некоја промена на денот на исплаќањето, работодавецот мора писмено да ги извести работниците за тоа. Ако вака не постапи, глобата што може да ја добие изнесува 2.000 до 3.000 евра плус 500 до 1.000 евра за директорот (член 265).
Трудовата инспекција, пак, според Закон е должна да изврши надзор по барање на работниците на кои им е прекршено работничко право и да ги санкционира газдите кои не ги испочитувале нивните права.
Работнички права само на хартија- ова го покажала анкетата – 75% од испитаниците сметаат дека законската регулатива е само на хартија и е во интерес само на работодавачите. Ова го потврдува и фактот што дури 57% од вработените не се осмелуваат да го пријават прекршувањето на нивните работнички права од страв дека ќе го изгубат работното место. а 64 проценти се подготвени да потпишат бланко отказно решение. Неопходни се итни системски промени кои ќе гарантираат практична примена на законската регулатива за поголема заштита на работничките права.
Државниот Инспекторат за Труд врши над 30.000 инспекциски надзори на годишно ниво во врска со остварување на правата на работниците од работните односи, безбедност и здравје при работа.
Секојдневието на македонскиот работник покажува дека кон него подеднакво се однесуваат и домашните и странските газди. Сите тие наоѓаат дупки во Законот за работни односи и не ги почитуваат колективните договори.Можеби уште поважно, ни тие малку права кои работниците ги имаат не се имплементираат како што треба. Работодавачите постојано ги кршат правата на работниците и никој не реагира. Државните институции кои треба да го прават ова потфрлаат во многу случаи.
(1) Работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определено со закон, како и во случаите кога не работи од причини дадени од страна на работодавачот.
Согласно Општиот колективен договор за стопанството во РМ, работодавачот на работникот му исплатува надоместок на плата за:
боледување за време на привремена неспособност за работа;
годишен одмор;
платен вонреден одмор;
време на прекин на работниот процес поради причини од страна на работодавачот;
празници и неработни денови утврдени со закон или со друг пропис;
слободни денови од работа;
дообразование, стручно оспособување и преквалификација, односно доквалификација согласно потребите на работодавачот;
синдикално образование во договор со работодавачот;
време на отказен рок;
и други случаи утврдени со колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач.
Во наведените случаи, на работникот му припаѓа надоместок на плата во висина на неговата просечна плата од последните 12 месеци, доколку не е определено поинаку со закон.
НАДОМЕСТУВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ПОВРЗАНИ СО РАБОТАТА (Член 113 од ЗРО)
(1) Работникот има право на надоместок на трошоци поврзани со работата за:
службено патување; (1.1)
теренски додаток; (1.2)
користење приватен автомобил за службени патувања; (1.3)
одвоен живот од семејството; (1.4)
смрт на работникот или член на неговото семејство. (1.5)
ВИСИНИ НА НАДОМЕСТУВАЊАТА НА ТРОШОЦИТЕ ПОВРЗАНИ СО РАБОТАТА (Член 35 од ОКДСРМ)
Во Законот се утврдени следните висини на надоместувањата на трошоците поврзани со работата:
Дневници за службени патувања во земјата во висина од најмалку 8% од основицата;
Дневници за службени патувања во странство согласно колективен договор на ниво на работодавач или акт на работодавач, но не помалку од Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;
Теренски додаток во зависност од обезбедените услови за работа на терен (сместување, исхрана и сл.), во висина утврдена со колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач;
Надоместок за одвоен живот од семејството во висина утврдена со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, но не помалку од 60% од основицата (надоместокот за одвоен живот се исплаќа кога работникот е распореден, односно упатен на работа надвор од седиштето на фирмата или надвор од местото на постојаното живеалиште);
Надоместок на трошоците за користење сопствен автомобил за потребите на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар;
Надоместок на трошоците при селидба за потребите на работодавачот во висина на стварните трошоци;
Регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.
Покрај овие надоместоци од став 1, согласно колективен договор, се исплаќа надоместок и:
Во случај на смрт на работник, на неговото семејство му се исплаќа надоместок во висина од три основици;
Во случај на смрт на член на семејното домаќинство, на работникот му се исплаќа надоместок во висина од 2 основици;
Во случај на потешки последици од елементарни непогоди, најмалку во висина од една основица;
За непрекинато боледување подолго од 6 месеци поради повреда на работа или професионално заболување, во висина на основицата;
За јубилејна награда, во висина на основицата ‒ за најмалку 10 години работа кај ист работодавач;
При заминување во пензија, најмалку двократен износ од основицата.
Основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
ДОДАТОЦИ
Согласно ЗРО, додатоците се определуваат за посебните услови при:
работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени;
работа во поделено работно време;
ноќна работа;
работа на дежурство;
согласно закон, продолжена работа;
работа во ден на неделен одмор;
работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.
Во ОКДСРМ, со член 23 – член 26 се дефинирани износите на додатоците на основната плата: основната плата на работникот се зголемува кога работникот работи во услови потешки од нормалните за определено работно место:
Со колективен договор на ниво на гранка/оддел, односно на ниво на работодавач, се утврдуваат потешките услови за работа од нормалните за одделни работни места и износот на зголемувањето по тој основ не зависи од висината на платата на работникот, туку се утврдува во единствен износ за сите работници што работат во тие потешки услови за работа. Со колективен договор на ниво на работодавач, со методологија, се вреднуваат потешките услови за работа од нормалните за одделни работни места.
Kога работникот работи во услови што произлегуваат од распоредот на работното време, основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за:
– прекувремена работа ………………………………………………… 35%
– работа ноќе ……………………………………………………………….. 35%
– работа во три смени ……………………………………………………. 5%
– работа во ден на неделен одмор ………………………………… 50%
За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надоместок на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и на плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%.
Додатоците меѓусебно не се исклучуваат.
Правото на зголемен надоместок по основ на работа во три смени работникот го остварува само за ефективно поминато работно време во смени.
Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж.
Работодавачот може, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со Синдикатот.