Големата акција на полицијата и ОЈО ГОКК од утринава во неколку градови во земјава резултираше со апсење на над 20тина лица, меѓу кои и поранешни директори во РЕК Битола и ЕСМ. Меѓу соомничените е и Васко Ковачевски, но тој според информациите е надвор од земјава уште од октомври. Според сомнежите, осомничените кај кои биле направени претреси и биле пронајдени над 130.000 евра во кеш, извршиле криминал со јавни набавки за адитиви за РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.
Од МВР соопштија дека во тек е е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека ќе следат детали по завршувањето на акцијата. Од Обвинителството потврдија дека акцијата се спроведува под координација на двајца обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од ЕСМ велат дека сè што како документација во изминатиот период беше побарано од надлежните институции им е предадено.
„Сметаме дека надлежните институции треба да ги потврдат нашите сомнежи за тоа како се воделе одредени постапки. Дел од документацијата е предмет на ревизија, а дел веќе ја доставивме до МВР и до Управата за финансиска полиција, на нивно барање. Секој што се огрешил пред законот треба да одговара. Цврсто стоиме на ставот дека, доколку низ институциите на системот се докаже нечија вина за тоа дека на сметка на државата и граѓаните извршил криминално дело, тој треба да си понесе одговорност и да се соочи со последиците од таквите злоупотреби. Решени сме да поставиме систем што нема да дозволи да има корупција“, соопштија од ЕСМ.
„Од информациите кои ги имам и сум запознат од страна на МВР, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица кои управуваат со други правни субјекти, за кои постои основано сомнение дека направиле криминал од околу 6,5 милиони евра. Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителството, на судовите. Мора да веруваме на презумпцијата на невиност“, изјави Христијан Мицкоски.
Ковачевски се шпекулира дека се наоѓа во Виена, а државата ја напуштил на 1 септември на граничниот премин со Грција. И премиерот Мицкоскиж потврди дека тој не е во земјава.
„Очекувам брзо, денеска да биде обезбеден пред правдата и сите да дадат одговор за овие основани сомневања, иако морам да кажам голем број на докази веќе се обезбедени“, додаде Мицкоски.
Покрај Ковачевски, имињата кои се истакнуваат меѓу осомничените се и Васко Стефанов, исто така поранешен директор на ЕСМ, кој со поранешениот шеф на РЕК Битола Пеце Матевски се сметаат за членови на злосторничко здружување и се сомничат дека помагале да се злоупотреби постапката за јавни набавки. Потоа, Ардијан Муча, екс-комерцијален директор на ЕСМ се сомничи за злоупотреба на службената положба, односно овозможил значителна имотна корист за друг преку неизвршување на својата должност. Неговиот претходник пак, Данчо Стојановски од Велес се смета за организатор на спорните набавки.
Според неофицијалните информации, на осомничените за кои постојат основи дека переле пари ќе им биде замрзнат стекнатиот имот од 2022 година до сега. За дел од лицата се очекува ефективен 30 дневен притвор.