Попладнево Делчево и околината ги зафати невреме, што предизвика прекин на расадувањето на тутунот и на садењето на компирот, гравот, пченката и другите градинарски култури, пренесува Денешен.
Пороен дожд и град во големина на лешник ги погоди атарите на селата Вирче, Нов Истевник, Стар Истевник, Тработивиште и Разловци.
Првичните сознанија говорат за штети на градинарските култури, овошните насади , луцериштата, ливадите и на патиштата.
Пораснат е водостојат на реките Брегалница, Желевица и нивните притоки Даштица, Габровчица, Куровица, Виречка и Градска река, но до сега нема излевање од нивните корита.
Забележани се одрони од карпи и свлечишта од кал на коловозот на патот Кочани – Берово, на делниците помеѓу Македонска Каменица и Делчево и помеѓу Делчево и Пехчево. Сообраќајот се одвива во отежнати услови.