Пет италијански бизнисмени протестирале вчера пред зградата на парламентот во Рим на необичен начин – без панталони, барајќи да се укине даночната агенција која ја обвинуваат за самоубиствата на десетици свои колеги среде должничката криза, пренесува Блиц.
Бизнисмените биле снимени како по кошули и долна облека го изразуваат незадоволството, со транспаренти на кои пишувало „Убивате илјадници работни места“. Нивното бизнис лоби Кобас Импресе е една од двете групи кои бараат референдум за укинување на Еквиталија, агенцијата која собира заостанати даноци и казни за неплаќање данок.
Бизнисмените ја обвинуваат оваа агенција дека ја влошила економската криза прогонувајќи ги сопствениците на пропаднати компании кои не плаќале данок.
„Во изминатите 18 месеци, 162 бизнисмени извршија самоубиство бидејќи завршија во рацете на оваа агенција“, изјавил претседателот на Кобас Импресе Џузепе Грацијани.
Италијанската економија, трета во еврозоната, се наоѓа веќе две години во рецесија, поради што расте стапката на невработеност и се затвораат илјадници фирми.