По наредба на американското регулаторно тело за трговија Google ќе мора да врати околу 19 милиони US долари на родителите чии деца купиле апликација или платиле за дел од апликација без дозвола од своите родители. Ова е трет случај од ваков вид, откако истиот регулатор во јануари им нареди на Apple да платат 32,5 милиони долари на родителите, додека вториот случај е против Amazon, кој стои на ставот дека нема да ги исплати парите за купувањата на нивната платформа направени од деца.
Ваквите одлуки доаѓаат по голем број на поплаки од родителите, кои до регулаторот испраќаат официјални жалби за неавторизирани купувања кои ги прават нивните деца, а самите платформи не ги спречуваат да го направат тоа иако се малолетни. Жалбите се однесуваат за продажби направени на Google Play од нивните деца во ранг од 99 центи до 200 американски долари.
Киксот на Google се наоѓа во тоа што кога во 2011 година ги претставиле купувањата во самите апликации, истите не барале потврда на лозинка, па така децата без никакво одобрување можеле да купуваат виртуелни добра во апликациите само со неколку клика. Овој метод беше променет при крај на 2012 година, кога Google започна со барање на потврда на лозинка пред финализирање на продажба.
Според барањето на регулаторот, Google исто така ќе мора да го промени и начинот на наплата и јасно да информира дека во дадените случаи ќе врши наплата во апликациите.
It.com.mk