Гори во Тузла, Сараево и Зеница


Ширум Босна и Херцеговина во тек се судири меѓу демонстрантите и полицијата. Гори во зградите на кантоните Сараево, Тузла и Зеница. Демонстрантите уриваат се пред себе, објавуваат босанските медиуми.

Демонстрациите поради политичката, економската и социјалната ситуација во БиХ, од Тузла се приширија ширум БиХ, а протестите траат од утрово.

Tuzla-pozar-500Жестоки судири на граѓаните со полицијата во тек се во Сараево, а демонстрантите влегоа и ја запалија и зградата на Владата. Според последните информации, во Сараево во болницата Кошево доведени се 50 повредени лица, и демонстранти и полицајци, додека во Тузла се повреден осум лица – тројца полицајци и петмина цивили.

Премиерот на Владата на Тузланскиот кантон Сеад Чаушевиќ денеска поднесе оставка.

Околу 13.000 лица и денеска се на улиците на Тузла и се упатија кон кантоналниот и општинскиот суд и обвинителство, зградата на општината на  МВР.

Пожарот во зградата на Владата, што демонстрантите претходно ја запалија, го гаснат пет пожарникарски возила. Зградата на Владата е цела во чад и оган, а демонстрантите им помагаат на пожарникарите да го изгаснат пожарот, но гасењето дополнително е отежнато заради  ветрот.

– Во Универзитетскиот клинички центар во Тузла досега се примени осум повредени лица, изјави портпаролката Амра Одобашиќ и додаде дека никој не се здобил до потешки  повреди што бараат болничко лекување.

Социјалните немири во Тузла почнаа пред три дена и кулминираа со упадот на демонстрантите во зградата на Владата, што ја запалија.

Протести се одржани и во други градови, каде, исто така,  имаше судири со  полицијата, а ситуацијата кулминираше и во Сараево каде има голем број тешко повредени меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција.

Со солзавец и камења е посипан просторот околу зградата на Владата на Кантонот и зградата на Претседателството на БиХ. Сите стакла на прозорците на зградата на кантоналната Влада на Сараево се искршени, јавија босанските медиуми.

Моменталната ситуација е драматична и хаотична, објавија локалните медиуми.

Во Сараево полицијата употребила солзавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите, во Зеница е запалена зградата на кантоналната Влада, а протести се одржуваат и во Бихаќ, Јајце и други градови.

Во Сараево поголема група граѓани нападнале кордон на специјалната полиција пред зградата на Владата, употребени се гумени куршуми и солзавец, а неколку демонстранти се повредени и уапсени, додека улиците се блокирани. Како што пренесува агенцијата БТА, демонстрантите успеале да влезат во зградата на Владата, по што полицијата целосно се повлекла. Запалена е и зградата на Претседателството на Бих, пет возила, свечениот влез во зградата на Владата на кантонот Сараево, како и полициската куќичка пред институцијата.

На голем протест во Зеница се собрале повеќе од 3.000 граѓани, а некои медиуми објавија дека е запалена зградата на Владата, како и во Тузла. Исто така, е соопштено и дека потешко се повредени неколку полицајци, а повеќе граѓани побарале медицинска помош. Искршени се и прозорци на зградите од некои институции.

Во Бихаќ пред зградата на кантоналната Влада се собрале околу 2.000 лица, каде ги пречекал премиерот Хамдија Липовача, кој бил остро дочекан од демонстрантите со свирежи и скандирања. Биле искршени прозорците на зградата на Владата, а повредени се и двајца полицајци.

Во Бугојно неколку стотина граѓани, меѓу кои најголем број невработени од приватизираните претпријатија, се собрале пред општинската зграда, каде разговарале со началникот Хасан Ајкуниќ.

И во Бања Лука биле организирани протести, на кои учествувале стотина граѓани, но без инциденти.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1