Градот ќе ги плаќа часовите по англиски за таксистите


Скопските таксисти во наредните три години ќе учат англиски јазик на сметка на Градот, односно целата активност ќе се финансира од градската каса. Обуката ќе ја извршат професори по англиски јазик од скопските средни училишта, на кои градската власт ќе им ги намири трошоците за ангажманот. Такси-возачите што нема да го совладаат јазикот до 1 јануари 2017 година, нема да добијат лиценца за извршување на оваа дејност.

taxiПредлог-програмата за подобрување на ефикасноста и квалитетот на автотакси-превозот вчера ја разгледуваше Советот на Град Скопје. Изучувањето на англискиот јазик се спроведува во соработка со Министерството за транспорт и врски, по чиј предлог лани беа донесени измени во Законот за превозот во патниот сообраќај.

– Предмет на програмата е преземање мерки и активности што се однесуваат на начинот, условите и постапката за спроведување обука за изучување на англискиот јазик на такси-возачите што се лиценцирани за такси-дејност од Град Скопје во 2014 година. Со програмата ќе се утврдат начинот и условите за одржување на обуката преку професори по англиски јазик вработени во средните училишта во надлежност на Градот Скопје, како и исплатата на надоместокот на ангажираните професори – објаснуваат градските власти.

Законските измени лани во ноември отпрво предизвикаа револт кај такси-здруженијата, но по средбата со министерот Миле Јанакиески и градоначалникот Kоце Трајановски, претставниците на таксистите постигнаа компромис и ги прифатија одредбите за стекнување сертификат за познавање основно ниво на англиски јазик. Станува збор за ниво А1 според Заедничката европска референтна рамка за јазици (CEFR) на Советот на Европа. Според министерот Јанакиески, изучувањето на овој јазик е важно, бидејќи првиот контакт на странците со нашата земја е токму преку такси-возачите.

Пред да почнат обуките, Секторот за сообраќај при Градот ќе распише јавен повик за пријавување на заинтересираните возачи. Активностите од оваа програма ќе се реализираат континуирано во 2014, 2015 и 2016 година, во зависност од бројот на пријавените такси-возачи. За обуките на таксистите Градот планира да потроши 500.000 денари.

– Исплатата на надоместокот во нето-износ на ангажираните професори по англиски јазик ќе се реализира на трансакциска сметка на професорите, врз основа на поединечно склучени договори – потенцираат од Градот.

Dnevnik

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1