Граѓаните што живеат во згради, чии финансии за одржување се во рацете на заедниците на сопственици или на лиценцираните управители, упатиле низа поплаки до државната Регулаторна комисија за домување.
Регулаторната комисија за домување заклучила дека граѓаните најмногу се жалат на нерегуларности поради одбивање на управителите да ги префрлат парите од резервниот фонд на новиот управител или на новата заедница на сопственици. Проблем е и непредавањето на целокупната документација при промена на управителите.
Некои управители доставуваат само месечна уплатница до станарите, без детаљна пресметка за трошоците за редовно одржување на зградата, како и за износот за резервниот фонд за тој месец, што е спротивно на Законот. Поради тоа, Kомисијата презела мерки.
– Голем број од предметите што беа доставувани до Kомисијата се однесуваа на неинформираноста и незнаењето за тоа колку и за што плаќаат сопствениците на посебните делови. Затоа Регулаторната комисија донесе упатство за начинот на подготовка на пресметката за направени трошоци во претходниот месец за тековно и редовно одржување, како и за резервниот фонд. Самата пресметка е составена од три дела. Првиот дел се однесува на трошоците за редовно одржување, вториот дел е за резервниот фонд и третиот дел се однесува на заостанатиот долг – појаснуваат од Kомисијата.
Во извештајот тие наведуваат дека описот во пресметката е важен за станарите да бидат информирани и да имаат јасен увид за што точно плаќаат. Ова упатство го доставиле до сите фирми што имаат лиценца за вршење на дејноста за управување со станбена зграда.
„Некои управители имаа пракса за доставување само на уплатници без детална месечна пресметка и задолжување на сопствениците на посебните делови да го платат износот за тековно и редовно одржување, како и износот за резервен фонд во месецот за истиот тековен месец, што е спротивно на Законот. Со оглед на тоа што голем број од предметите кои беа доставувани до Комисијата се однесуваа на неинформираноста и незнаењето за тоа колку и за што плаќаат сопствениците на посебни делови, Регулаторната комисија за домување донесе Упатство за начинот на подготовка на пресметка за направени трошоци во претходниот месец за кој се однесува наплатата за тековно и редовно одржување, како и за резервен фонд од страна на управителот или заедница на сопственици“, посочуваат од Регулаторната комисија за домување.
Друг голем проблем е што голем број станбени згради или деловно-станбени објекти се уште немаат назначено управители или не формирале заедница на сопственици. Според податоците на Kомисијата, повикувајќи се на број на згради од 2002 година, од 10.000 згради во цела Македонија, само 56 отсто назначиле управители или формирале заедници.
– За целосно и непречено спроведување на Законот за домувањето, Регулаторната комисија за домување до Заедницата на единиците на локалната самоуправа како надлежен орган и до градоначалниците во општините и Град Скопје, има доставено предлог-мерки да почнат со спроведување на нивните надлежности од Законот за домувањето. Треба да направат регистри на станбени згради и станови и регистри на управители, како и да назначат инспектори за домување – се наведува во извештајот.
Сметаат и дека нивната работа, ангажман и посветеност е недоволна за зголемување на бројот на ангажирани управители во станбените објекти. Напротив, заклучуваат дека за такво нешто потребно е општинските инспектори за домување да станат функционални.
Регулаторната комисија за домување против 11 правни лица донела решенија за одземање лиценци за вршење на дејностите на управување со станбена зграда. Од нив, девет решенија се правосилни, а две завршиле пред Управен суд, по тужба од управителите. Судот донел пресуда за одбивање на тужбите како неосновани, по што се вложени жалби.
Во регистарот се запишани 48 правни лица како управители, но само 36 се активни.
Skopjeinfo.mk