Не ја послушала наредбата на Коѕиас да стави вето за Македонија,но и негирала низа други наредби од шефот на грчката дипломатија, се причините зошто Александра Пападопулу е повлечена од позицијата постојан грчки претставник во ЕУ, јавува Канал 5.
Во Грција се дигна голема врева околу случајот со поранешната грчка амбасадорка во Скопје, без при тоа да има официјален став или официјално објаснување, која е главната причина.
„Од министерството за Катимерини тврдат дека причината за нејзиното преместување е дека е виновна за дисциплински прекршоци, меѓу кои и барањето на министерот на 22.06 земјата да стави вето за Скопје, нешто што таа самата го укина, пишува грчкиот весник.
Терминот „вето за Скопје“ фигурира и во други грчки медиуми, но е нејасно за каков вид вето станува збор. Веројатно е дека се мисли на некаков состанок во ЕУ.
„Правило е кога еден министер става вето во важно национално прашање, никој дипломат нема право да го повлече затоа што не му се допаѓа или пак затоа што некои други го притискаат.“ – рече Коѕиас во грчкиот парламент, индиректно откривајќи ја причината за повлекувањето на Пападопулу, без при тоа да ја именува.
Она што остава впечаток и предизвика низа коментари во Грција се амбасадорските позиции кои грчкото МНР и ги предлага на Пападопулу. Поранешната амбасадорка треба да одбере една од следните позиции, за продолжување на нејзините активности – како амбасадор во Монтевидео (Уругвај), во Киншаса (Конго) или пак во грчката амбасада во Сараево.
Според “Вима“ пак, случајот со Пападопулу имал домино ефект во грчкото МНР со низа оставки. Како што пишува весникот, заменикот генерален секретар Михалис Спинелис, кој добил наредба во понеделникот, да ја извести Пападопулу дека нема да биде повеќе во Брисел, веќе си пофнел оставка. Додека пак, извесно е дека истото го сторил и генералниот секретар, амбасадорот Димитрис Параскевопулос, за кој, сепак според „Вима“, не постоела официјална потврда.
Случајот со Пападопулу, беше и главната причина за жестока караница меѓу Бакојани и Коѕиас во грчкиот парламент, далеку од собраниските микрофони и новинарите. Пратениците кои што во тој момент се нашле во близина, според грчките медиуми биле сведоци на критиките од Бакојани до Коѕиас.
Јоргос Армирас од Потами, се обидел да ги смири страстите и на двајцата учесници во кавгата им рекол дека тоа, во новинарскиот речник е „мини инцидент“, по што според медиумите, добил одговор од Бакојани: „Каков мини инцидент? Два метра сум, ова е голем инцидент.“
Одлуката на Коѕиас, да ја повлече Александра Пападопулу од позицијата претседател на постојаната грчка делегација во Брисел, наишла на остри и жестоки реакции од Бакојани.
Таа побарала од сегашниот министер за надворешни работи да остане Пападопулу на позицијата на која што беше пред изборите во септември. Според грчките медиуми, кусо пред изборите на 20 септември, Никос Коѕиас, испратил допис до пападопулу, додека таа се наоѓала на одмор и и соопштил дека нема да се врати во Брисел, бидејќи е повлечена од позицијата. Меѓутоа, министерот за надворешни работи во привремената влада, Петрос Моливијатис, бидејќи не сакал конкретната позиција да остане празна, решил Пападопулу да ја врати во Брисел, по што, со повторното доаѓање на Коѕиас во грчкото МНР, се вратила и првичната одлука, екс амбасадорката да замине на друга позиција.