Познатиот грчки композитор Микис Теодоракис се залага за почитување на одлуката од 1992 година, од состанокот на лидерите на сите грчки политички партии, за неприфаќање на име за северниот сосед со терминот Македонија. Во текст објавен на неговиот сајт, како што јавува дописникот на МИА од Атина, тој ја повикува грчката влада да не отстапува од оваа позиција.
-Секое отстапување од оваа линија ќе има катастрофални резултати за иднината на нашата земја, бидејќи, по осумгодишното ограбување на грчкиот народ што нè доведе до денешната драматична ситуација, единствено што ни останува е да го зачуваме нашиот национален интегритет, пишува 93 годишниот Теодоракис.
Светски познатиот композитор смета дека „владата на Скопје“ е закана за интегритетот на Грција, упатувувајќи апел до грчката влада да остане верна на националната линија од 1992 и порачува дека доволно одговорности има за економската ситуација во земјата.
-Кога не се плашиш да кажеш дека ја сакаш земјата и имаш храброст тоа да го извикаш гласно, тоа не е национализам, тоа е патриотизам. А на Грција денес, повеќе од било кога порано, потребни ѝ се патриоти, наведува 93 годишниот Микис Теодоракис во текстот објавен на неговиот сајт.