Пред два часот по полноќ заврши првиот дел од расправата во грчкиот Парламент по доставениот предлог од Нова демократија за гласање недоверба на Владата. Како што јави дописничката на МИА од Атина, пратеници од сите партии вчера го изразија нивниот став околу договорот постигнат меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Расправата се движеше во очекуваните рамки, од опозицијата ја обвинија Владата дека прави отстапки со „лошиот договор“, додека пак пратениците и министрите од СИРИЗА со аргументи се обидуваа да ги убедат нивните колеги дека постигнатиот договор со Македонија е национално корисен за земјата.
Пратениците од Нова демократија, ПАСОК, Златна зора, Комунистичката партија и Сојуз на централисти, јасно рекоа дека договорот има проблематични делови со кои не се согласуваат, а со тоа и ќе гласаат позитивно за недоверба на Владата.
Во однос на содржината на договорот, во фокусот на пратениците од опозициските партии се најдоа деловите посветени на македонскиот јазик и македонското државјанство, а многумина ги коментираа дека тие се „основа на иредентизмот“.
– По лошото раководење на економијата, сега прават отстапки и во националните прашања, а договорот ја прелеа чашата, беше најчестиот коментар од пратениците на опозицијата.
Од владејачката СИРИЗА пак, пратениците го поддржаа ставот дека решението е неопходно и оти договорот е многу подобар од што и да било што се преговарало во минатото.
Од расправата не изостанаа ниту коментарите од опозицијата дека грчката Влада нема еден и единствен став, со оглед на тоа што коалициониот партнер Независни Грци, чиј лидер воедно е и министер за одбрана, нема да го поддржи договорот со Македонија, но нема да гласа позитивно за предлогот на Нова демократија за недоверба на Владата.
Седницата што вчера траеше речиси осум часа, продолжува денеска во 9:30 часот, а се очекува да кулминира утре со обраќањата на лидерите на политичките партии и на грчкиот премиер, по што ќе следи и гласањето за недоверба, јави дописничката на МИА од Атина.
Судејќи според говорите на пратениците од Нова демократија, гласањето недоверба ќе има карактер на прифаќање или отфрлање од грчкиот Парламент на постигнатиот договор со Македонија.
Додека се одвиваше седницата, пред грчкиот Парламент беа организирани протести за „одбрана на името Македонија“.