Доколку Заев и Ципрас постигнат договор, грчките медиуми ги објавуваат фазите во кои Македонија би го сменила уставното име.
Грчката телевизија Скај јавува дека референдум за името во Македонија би се одржал во септември или октомври, по што ќе следи и промена на Уставот.
Според грчките медиуми клучен ќе биде телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас кој би требал ода се случи во четврток или петок, по што многу брзо ќе се закаже и средба во Преспа каде што би дошло до потпишување на Договорот.
По ова, според сценариото на медиумите во Грција Премиерот Заев ќе биде должен овој Договор да го помине во Собранието каде ќе му треба мнозинство од 61 пратеник. Штом договорот ќе добие зелено светло во Собранието, Грција ќе го извести НАТО дека дозволува влез на Македонија со услов земјава да го смени Уставот.
Грчките медиуми јавуваат дека на 28 и 29 јуни на Самитот на Европската Унија Македонија и официјално ќе добие датум за старт на преговорите а на средината на јули и покана за членство во НАТО.
Доколку референдумот на почетокот од есента помине успешно, Собранието ќе пристапи кон менување на Уставот за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
Според грчките медиуми, решението ќе се бара меѓу предлозите Нова, Северна и Горна Македонија.
Шефот на грчката дипломатија во изјава за грчките медиуми рече дека во моментов се финализираат техничките прашања
И шефот на македонската дипломатија вчера од Брисел потврди дека е постигната рамка за компромис за името.
Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов правни тимови од двете министерства во Атина работат, се планира важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра, изјави вчера Димитров.
Меѓународниот фактор преку повеќе свои претставници испрати пораки со поддршка и задоволство од постигнатото во преговорите за името.
По последната рунда преговори во Брисел официјални информации околу рамката за договор се уште нема. Не се знае ниту дали на финалниот договор на Заев и Ципрас ќе му претходат и консултации со државниот и политичкиот врв во земјава.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на Уставното име што би можело да биде пречка за реализација на обврските од евентуалниот договор, со оглед на фактот дека без опозицијата, власта нема двотретинско мнозинство во Собранието и за да ја надмине бројката од 80 ќе и фалат околу десетина пратеници.