Грчката влада ја стави Македонија на црната листа на т.н. некооперативни земји, односно земји во кои работат грчки компании, а чии трошоци како одбиток од бруто приходот Грција не ги признава, освен ако претприемачите докажат дека тие трошоци се однесуваат на реални и вообичаени трансакции од трансфер на профитот од приходот или капиталот, а со цел избегнување на даночно затајување.
Македонија е ставена во друштво на главно мали островски земји од Средна Америка, Азија и Африка, но и европските Монако, Андора и Лихтенштајн.
Етикетата ,,некооперативна’’ се однесува на земји со кои Грција нема потпишано договори за регулирање на сферата на даноците. Одлуката за за црната листа е на грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос кој објаснува дека се работи за земји кои не се членки на Европската Унија, а нивната транспарентноста и размена на информации по даночните прашања се води од страна на Организацијата за економска соработка и развој.
Апсурдот е во тоа што Македонија, според даночната политика е 9-то место во светот во извештајот Дуинг бизнис на Светската банка, а даночната евазија во Грција е директна причина за економската и должничката криза што се уште трае кај јужниот сосед и во рамките на ЕУ.
Договори од областа на даноците се само едни во низата кои Грција и во минатото одбиваше да ги потпише со Македонија поради спорот за името. Меѓу поинтересните беше тој за ангажман на сезонски работници од Македонија, за кој македонското МНР долго време инсистираше на билатерален договор.
Но, Грција изнајде друга формула.
Принудена од притисокот на домашните бизнисмени за потребата од македонски сезонски работници, во 2005 година Грција донесе општ закон за сите трети земји, со кој беа опфатени и тие.