Грција објави дека во гробницата во Амфиполис пронашла скелет


Археолозите пронашле остатоци од коски во големата древна гробница од периодот на Александар Македонски во Амфиполис, а на друга локација северно од Солун во Егејска Македонија кај Кутлеш (Вергина) е откриена неограбена гробница од истиот период, објави во средата министерството за култура во Атина, пренесуваат светските агенции.grobnica

Гробницата во Амфипол е најголемата древна гробница досега откриена на сегашната територија што ја зазема грчката држава и ги подгреа страстите на тамошната јавност дека станува збор за почивалиштето на Александар Македонски или некој член на неговото семејство. Според преданието, Александар Македонски умрел во Вавилон, денешен Ирак, 323 година пред Христа, но не е утврдено каде е погребан. Грчкото министерство за култура ја отфрли пред извесно време таквата можност, но убедува дека нема сомнение оти станува збор за гробница на некој влијателен, како што наведува – Македонец.

„Станува збор веројатно за споменик на мртва личноста која била јунак, значи смртник кого заедницата во текот на неговиот живот го обожувала. Единствено така може да се објасни толку величествена гробница“, се наведува во соопштението на грчкото министерство.

grobnica aleksandar

Точната локација на гробот на Александар е една од најголемите мистерии на светската археологија. Некои сметаат дека најверојатно е погребан во Александрија. Неговата жена Роксана и синот Александар по неговата смрт биле протерани во Амфиполис и таму убиени заедно со неговата мајка и братот, велат преданијата, што според некои грчки археолози укажува на тоа дека во споменатата гробница се наоѓаат нивните останки.

Коските откриени во Амфиполис се испратени на анализа. Телото било положено во ковчег кој низ вековите се распаднал. Коските биле пронајдени во и надвор од гробот сместен во најдлабоката комора од гробницата. Наоколу биле расфрлани и разни украсни предмети од тој период.

Ископувањата во ова место, стотина километри од Солун, започнаа во 2012 година, а две години подоцна грчките археолози објавија дека утврдиле оти станува збор за голем комплекс кого го чуваат две безглави сфинги со височина од 1,5 метар и е обиколена со 500-метарски мермерен ѕид.

Од почетокот на ископувањата во гробницата се пронајдени и две мермерни каријатиди. Тие го потпирале внатрешниот влез во гробницата и се во истата скулпторска техника како и сфингите пронајдени на главниот влез. Двете имаат испружени раце во симболичен гест да го одбутнат оној кој би се обидел да ја сквернави гробницата, толкуваат археолозите. Во внатрешноста е откриен мозаик, кој го прикажува грабнувањето на Персефона, ќерката на Зевс.

Ископувањето на наоѓалиштето грчките медиуми го следеа дури и со секојдневни телевизиски извештаи.

Истовремено во средата грчкото министерство за култура објави и дека археологот Ангелики Катариди, којашто го водела археолошкото истражување кај Кутлеш во близина на некрополата на првата престолнина на древна Македонија – Ајги. Според неа, личноста погребана во оваа гробница најверојатно живеел во периодот на владеењето на Александар Македонски, 336 – 323 година пред Христа.

Главната вредност на ова откритие е сочуваната колекција на погребни дарови којашто подоцна ќе биде изложена во новиот музеј во Вергина (Кутлеш). Според Катариди, станува збор за уникатна колекција од артефакти, бидејќи Ајги бил фактички целосно ограбен во времето на инвазијата на Галите во 279 година п.н.е., пишува Tovima. „Ретко имаме можност да откриеме недопрена гробница“, вели за весникот Катариди.

Овие објави се пласирани пред почетокот на средбата на посредникот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот претставник во спорот за името во кој Атина настојува да го оспори правото на Република Македонија да го користи терминот „Македонија“ инсистирајќи на грчка идентификација со древната македонска култура.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1