Новиот предлог на медијаторот Метју Нимиц тешко дека ќе биде повеќе од формула само за билатерална употреба, анализира денеска грчки „Капитал“ потсетувајќи дека само во последните месеци уште две членки на Европската унија го признаа уставното име на Република Македонија.
Тој анализира дека со усвојувањето на име „ерга омнес“ ќе треба да се промени и Уставот на Македонија што ќе биде многу тешко, а тука се и две земји, членки на ЕУ, кои во последните месеци го признаа уставното име на Република Македонија, така што логично се заклучува дека предложеното решение ќе биде само за билатерална употреба.
Во Атина преовладува загриженост и вознемиреност за прашањето за името на Македонија, по новиот сеопфатен предлог кој медијаторот Метју Нимиц вчера им го претстави на претставниците на Грција и Македонија во Њујорк.
Според дипломатски извори на кои се повикуваат некои грчки медиуми, предлогот ги покрива сите прашања и вклучува сложено име со географска одредница, најверојатно „Горна Македонија“. Во однос на условот на Грција името да биде за сите употреби, истите извори тврдат дека според најновиот предлог тоа ќе биде за „најширока можна употреба“.
Проблемот на грчката страна е тоа што иако името вклучува географска одредница, како што бараше Грција, таа е пред терминот Република, а не пред Македонија, откриваат грчките медиуми. Извори во ОН истакнале дека „она што е од стратешко значење е постоењето на географската одредница во името“.