Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го осуди насилството и ги повика институциите да направат брза и ефикасна истрага и да се откријат виновниците.
Денес се случи многу лош ден за Mакедонија, кој ќе има свои последици подолг период. Настаните ме затекнаа на моето патување во Австрија, каде имав повеќе средби и активности. Токму кога доцна попладнево ја одржував последната средба со Kарл фон Хабсбург, претставник на моето обезбедување влезе и ме извести што се случило во македонскиот Парламент, по што веднаш ја прекинав средбата, изјави во своето вонредно обраќање ноќва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
– Прво, сакам да го осудам насилството кои поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на полицајците, рече Груевски на прес-конференција во партиското седиште.
Повикува да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и оние кои никого не повредија, со оние кои тоа го направија вечерва. Тие, како што рече, имаат право на протест, на изразување револт и на демократска борба за она во што веруваат, за доброто на Македонија.
Ги поздравувам напорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија за несебично им помогнаа на физички нападнатите пратеници и напорите на полицијата која се вклучи во смирување на состојбата, како и на лекарските екипи и сите оние кои се обидоа да помогнат, како и на голем број странски политичари со кои разговарал телефонски и испратиле пораки за смирување на состојбата и зачувување на стабилноста.
На прес-конференцијата потенцира дека никогаш не помислил ниту на власт да дојде, ниту да остане со насилство и со физички повреди на други лица, ниту пак, како што рече, подржувам други да го прават тоа, како такви кои ме подржуваат мене така и моите опоненти.
Го осуди начинот на кој СДСМ и другите партии кои ги подржуваат одлучија да направат обид незаконски да изберат претседател на Парламентот, еклатантно, како што истакнува, кршејќи ги сите демократски и законски процедури, со што до крајна мера и свесно придонесоа за зголемување на тензиите и поларизацијата во нашето општество.
– Бројните провокации во изминатите денови, не само кон нас од ВМРО-ДПМНЕ туку и кон огромното мнозинство македонски граѓани, а особено кон македонскиот народ, се директен причинител за оваа ескалација на состојбите оваа вечер. Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на Деловникот за работа на Парламентот на Република Македонија, рече Груевски.
Според него раководството на СДСМ, како и другите партии од нивната коалиција добро го знаат тоа, и тие свесно одлучија да го прекршат законот, Уставот и Деловникот, со што најдиректно ги предизвикаа настаните и сносат одговорност за тоа.
– Нивниот однос и постапки ја ставија Македонија на голем срам и презир пред меѓународната јавност и директно го загрозија уставниот поредок на државата. Добивањето можност сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија да се изјаснат во рамките на со Деловникот лимитираното време, ќе покажеше демократска зрелост на Македонија. Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури и со прифаќање на антидржавни платформи креирани во друга држава, подготвеноста да ги стават на коцка државните и националните интереси заради гола власт и бегањето од ново соочување со народот на избори, е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација, истакна Груевски додавајќи дека овој ден во Македонија не е ден за славење.
Најави дека во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, но, додаде, ВМРО секогаш била и ќе остане на страната на народот, на страната на Уставот и на страната на националните интереси на државата, затоа што постои токму заради народот, и заради Македонија.
Повикува да се прифати иницијативата на претседателот Иванов за средба на партиските лидери, со цел изнаоѓање институционално решение по мирен пат, без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани. – Само преку дијалог може да се излезе од сегашната криза. Се друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати јавно говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДС и нивните партнери, порача Груевски.
Ги повикува сите граѓани на Македонија, да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ. – Правото да се протестира е загарантирано со Устав, но очигледно некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка добивка. Народот има право да си ја чува и брани земјата. И тоа никој не може да му го оспори, но навлекувањето на насилни методи на физички пресметки оди на директна штета на Македонија и на сите нас во неа, рече Груевски.
Според него оние кои го правеле сценариото за денес, очигледно посакувале да има насилство со цел истото да го стави во сенка незаконското, противуставно и против деловничко бирање на претседател на Парламентот, со класично, како што рече, ,,силување,, на парламентот и државата. – Нивната цел, рече, е никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци, и притоа прстот да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое нема никаква поврзаност со овие настани.
Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ осудувајќи го насилството повикува да не се кријат зад тој чин на поединци, за она што подолго време го најавуваа од СДСМ, а, како што рече, денеска го сторија.
Повикува до граѓаните, независно дали се Македонци или Албанци или Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, останати да останат присебни, да не наседнуваат на можни провокации на поединци или групи, а исто така на политичарите да не превземаат дејства кои би предизвикале меѓуетнички тензии.