Програмата денес почнуваме да ја пишуваме заедно. Посакувам активизам, иницијативност, бомбардирање со идеи на кои силно ќе се посветиме и ќе се фатиме во костец да ги реализираме. Не ветуваме чуда, ветуваме макотрпна работа, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во обраќањето по повод почетокот на кампањата за прибирање идеи од граѓани за новата програма на партијата.
Тој побара граѓаните да бидат дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори 2016-2020 и вети дека ВМРО – ДПМНЕ тргнува во нов циклус моќно, одговорно и решително во пишување на новата реална програма која ќе биде најсеопфатна и ќе претставува нов револуционерен исчекот во политичкиот дискурс во Република Македонија.
– Нашата програма граѓаните ја чувствуваат како своја бидејќи знаат дека се што е во неа ќе биде реализирано. Како резултат на барањата и идеите на граѓаните досега се реализирани многу проекти во сите градови во Македонија. Денес треба да се стремиме кон напредок, рече Груевски.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ нагласи дека противниците ќе ветуваат чуда, затоа што, посочи, немаат друг избор, но, истакна, народот е мудар и знае да разликува што е остварливо, а што не.
– Народот знае да разликува и кој држи до зборот. Ние оставаме за нас да говорат делата. ВМРО-ДПМНЕ е сервис на граѓаните, додаде премиерот Груевски и посочи дека најсилниот адут на партијата е што не трча по ситни политички поени.
Тој најави дека економијата ќе биде суштината и најголемиот дел од новата програма на ВМРО – ДПМНЕ со цел да се создаде подобар животен стандард за граѓаните.
– Ќе се води достоинствена политика, потенцира Груевски. Најави дека четири тима ќе поминат низ цела Македонија и ќе собираат идеи од граѓаните, а повторно ќе започнат и со трибини.
Со народот и со екпертите, рече Груевски, ќе ја пишуваме програмата, тоа ќе е нашиот нов успех.
– Да подигнеш нови прашања, нови можности, да гледаш на старите проблеми од нов агол бара креативна имагинација и означува вистински напредок, е мисла на еден од најголемите креативни умови на човештвото Алберт Ајнштајн. Таа мисла ја отсликува целата реалност на нашето време, на дадениот историски миг кога сме кај вратите на новите предизвици. Не се тоа предизвици за тоа кој ќе победи и кој ќе ја има довербата, бидејќи народот одамна е одлучен и тоа како резултат на слободна свест и совршена свесност за големината на ситуацијата во која се наоѓа за да даде придонес за својата Македонија. Тие се нови предизвици, предизвици на новото време, затоа да одиме побрзо напред, да направиме подобро, да решиме повеќе, да создадеме за сите, да оставиме за следните, да се одолжиме на предците, да твориме, да градиме, да се грижиме, да оставиме трен белег на нашата генерација, рече Груевски.
Цитирајќи го Шарл де Гол, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, истакна дека највозвишена е славата на оние кои не потклекнале.
– Македонските граѓани никогаш не потклекнаа, а досега низ времето беа соочени со големи предизвици. Тие сфатија и живеат со девизата дека ова е нивната земја и дека тие одлучуваат за неа. Тие го живеат сонот на Делчев, содржан во фантастичното реторичко прашање кое крие вонвременска мудрост. Дали може да има друго место за еден Македонец освен својата земја. Граѓаните ја сакаат Македонија повеќе од кој било друг. Тие, граѓаните на РМ, одлучуваат за секој следен чекор, за секој следен проект кој ние се обврзуваме заедно да го напишеме и многу побитно заедно да го реализираме, рече во обраќањето премиерот Груевски.
Потсети и на низа проекти ветени и остварени во рамки на програмата „Преродба во 100 чекори“, која го дигна стандардот во политичката сфера, под кој, истакна Груевски, не може и не смее да се оди.
– Ја размрдавме сцената и по долги децении го поставивме граѓанинот онаму каде што заслужува, на врвот на пиедесталот. Таму и ќе остане секогаш. Успеавме со реализирање на над три илјади проекти да решиме барем еден проблем на секој граѓанин, без разлика на националност, вера, религија, припадност на политичка партија и без разлика дали гласал за нас или воопшто не гласал, рече Груевски.
Преродбата, потенцира, прерасна во проширена и надградена за да биде наследена од Манифестот за реформи и развој и проверено. Во тој период со макотрпна работа, со пресинг на секој дел од теренот, со беспоштедна борба на секој еден од нас заедно со вас, граѓаните, низ многу непроспиени ноќи, работни викенди, лета, пролети, зими, есени, рече Груевски, успеавме да реализираме над 3.000 проекти кои јасно ги имавме претставено пред граѓаните прегледно со конкретни описи, со рокови, буџети, носители, ефекти.
– Три илјади проекти кои не ги решија сите проблеми, но решија многу, решиле барем еден проблем на секој еден граѓанин без разлика на нација и вера, пол или имотен статус, нагласи претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.
Говореше за постигнатото историско најниското ниво на невработеност од 26,8 проценти, за отписот на долгови за повеќе од 15 илјади семејства, во вредност од над 30 милиони евра, за аголемените пензии, зголемената социјална помош, за проектот „Македонија вработува“ благодарение на што се вработени досега повеќе од девет илјади лица. Потсети дека се изградени 34 километри автопат за што се инвестирани 44 милиони евра, 40 регионални патишта со инвестиција од 94 милиони евра, како и 392 локални патишта и инвестиција од 62 милиони евра. Од големиот број проекти ги спомена и 150-те нови товарни вагони, новите патнички возови, инвестицијата од над 100 милиони евра за медицинска опрема и уште толку за реконструкција или изгрдба на нови болници, за намалувањеот на цените на 4.700 лекови, за новоизградените 70 и 35-0 реконструирани училишта, за струдентските домови кои ќе се градат во Скопје и во Тетово, за новите 80 нови лаборатории во високо науичните институции, како и преводот на повеќе од 1.000 стручни книги, и за изградените нови спортски и тениски игралишта, но и за 780 милиони евра поддршка за земјоделците и намалувањето на ДДВ-то за земјоделската опрема.