Организирана група од село Грчец подолго време ги рекетира скопските моторџии, тврдат жртви кои морале да платат откуп за својот мотор откако ќе им биде украден од нивниот дом. Како што раскажуваат за Академик, крадците се јавуваат телефонски или праќаат пораки преку нивни пријатели со закана дека доколку моторџиите пријават во полиција: или моторот ќе го најдат во Вардар, или ќе настрада некој од нивната средина.
Погодени од ваквата ситуација, мото клубовите заедно покренаа петиција со цел МВР да преземе мерки за да се разбие групата што им се заканува и им влева страв. За неколку денови петицијата ја потпишале 700-тини лица.
Многумина од нив, стравувајќи за животот на најблиските, но и поради, како што велат, сомнеж дека полицијата е вмешана, се одлучиле да си го откупат моторот наместо случајот да го препуштат во рацете на истражните органи. Од СВР Скопје информираат дека во последниве 3 месеци во полициските станици Карпош и Ѓорче Петров, територијата на која според нашите соговорници најмногу се вршат вакви кражби, никој не пријавил дека му било барано откуп за украденот мотор, но за тоа што се случувало претхотно, дополнително ќе излезат со информации.
„Моторот ми беше паркиран во гаража, живеам во Нерези и сум седмо лице на кое му е украден моторот. Претпоставувам дека кражбата ми се случила во 4 или 5 изутрината. Подоцна околу 19 часот кај мене дојдоа мои другари, Албанци кои живеат во близина на селото Грчец. Се претставија како посредници, односно рекоа дека ќе ми помогнат за да го најдам моторот, ми пренесоа дека во текот на денот ќе ми јават крадците и ќе бараат откуп. Така и се случи, ми се јавија ми рекоа: „дај ни 2000 евра за да си го видиш моторот“, им реков немам толку пари, а и толку чини моторот. Меѓутоа самиот се излажав, мислев дека не знаат, тие биле упатени, па ми рекоа знаеме дека моторот чини 4500 евра. Откако им реков дека немам пари, подоцна повторно се јавија, се ценкаа, ми побараа 1500 евра, тврдоглаво им реков ништо од бизнисот, пари не ви давам, по ова ми рекоа моторот нема да го видиш, оди за Албанија.
Изреволтиран се упатив во ПС Карпош, не работеа заради некои протести, ме упатија во дежурна служба ПС Кисела Вода. Ги пријавивв, им реков групата е од Грчец, работи на истиот принцип, крадат мотори, па бараат откуп. Ова е веќе јавна тајна сите знаат кои се. По неколку денови, ми се јавија од полиција, ми рекоа дека моторот го нашле во близина на Грчец, сокриен во некоја нива“, раскажува жртвата која за среќа поминала без откуп.
Моторите најверојатно ги товарат во комбе, потоа наоѓаат луѓе блиски до жртвата и бараат пари за да го вратат моторот, Имавме случај кога на еден наш член му се случи истата ситуација, за среќа имаше конекција со близок човек кој е припадник на високите структури на МВР. Моторот му беше веднаш вратен, ниту даде пари, но ниту ги виде кои се крадците“, раскажува член на еден скопски мото клуб.
МВР покажа дека е способна да се справи со криминалците на тој начин што за неколку дена откако започна нашата медиумска кампања беа вратени 3 украдени мотори, па се надеваме дека ќе продолжи на тој начин професионално да ги штите нашите интереси. Во случај кражбите да продолжат, нам на располагање ни се повеќе опции, од кои би започнале со блокирање на градот Скопје со неколку километарска колона. Искрено се надеваме дека нема да има потреба да преземаме радикални чекори“, вели Благоја Марковски уредник на порталот „Мотори“.
Според статистиките на скопските моторџии, минатата година во Македонија се украдени 140 мотори и скутери, а од почетокот на годинава 5, иако мотосезоната сè уште не е почната. Според искуствата на измамените, на идентичен начин се крадат и луксузни возила за кој потоа се бара неколку илјадници евра како откуп.
Од СВР Скопје велат дека досега нема пријава за кражба на мотор за кој е барано откуп во последниве 3 месеци од годината. Во полициските станици Карпош и Ѓорче Петров, во последните 3 месеци се пријавени вкупно 18 кражби. Полицијата пронашла 3 мотори, а за 6 мотори ограбените моторџии ги повлекле пријавите со објаснување дека самите си ги пронашле моторите. Полицијата сè уште трага по крадците на останатите 9 мотори.
Автор: Паула Божиновски –
Повеќе информации на сајтот на – Академик.мк