Хан: Македонија има европски закони и стратегии, важна е нивната примена и изборите на 5 јуни


Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, на денешната дебата на пленарната седница на Европскиот парламент за Резолуцијата за Република Македонија, посочи дека земјата има високо ниво на усогласеност со европското законодавство, со добри закони и стратегии, но оти е важна нивната примена.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан порача дека предвремените парламентарни избори на 5 јуни се клучни за решавање на долгата политичка криза во Македонија.han333

– Од една страна, Извештајот што пред крајот на минатата година го издаде Европската комисија призна дека земјата има добро ниво на подготовка за развојот на функционална пазарна економија. Таа исто така има релативно добро ниво на усогласеност со европското законодавство. Ова значи дека вистински закони и стратегии се повеќе или помалку на место. Прашањето е, како и во сите земји, за нивната примена и имплементација, како и политичката волја да се донесат тешки одлуки, истакна комесарот Хан пред европратениците.

На почетокот на својот говор, Хан посочи дека пред две недели, европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл со кои го олесниле политичкиот договор минатото лето, уште еднаш одиграле „клучна улога во помагањето на Македонија да им се посвети на политичките предизвици, одржувајќи го политичкиот договор жив“.

Нивната посета на Скопје, по што следеше писмо од шефот на Делегацијата на ЕУ и на амбасадорот на САД до македонскиот премиер, според Хан „бил презентиран ставот на ЕУ и САД дека условите за организирање веродостојни избори на 24 април не се на место“.

– Со Делегацијата на Европската унија и Амбасадата на САД, вашите колеги посредуваа договор меѓу политичките лидери за да се одложи датумот на предвремените парламентарни избори од 24 април на 5 Јуни. Би сакал да истакнам колку е важно дека Европскиот парламент ја одигра својата улога да и се посвети на земјата за да помогне во демократскиот процес и би сакал да бидете застапени со набљудувачи и на денот на изборите, им порача Хан на пратениците во Европскиот парламент.

Во говорот во Европарламентот, Хан се заблагодари на Комитетот за надворешни работи на ЕП и на известувачот Иво Вајгл за Резолуцијата која е за усвојување. Тој смета дека резолуцијата е избалансирана и во согласност со главните наоди од прогрес-извештајот на Еврокомисијата од 2015 година за Македонија.

– Како што сите знаеме, извештајниот период беше многу тежок за земјата. Сепак, убеден сум дека нашиот извештај ја погоди вистинската рамнотежа, потенцира Хан.

Од друга страна, еврокомесарот за преговори за проширување посочи дека Македонија се соочува со најсериозната политичка криза во последните години. Тој рече дека Собранието било бојкотирано од страна на главната опозициска партија за повеќе од една година и дека ситуацијата дополнително се влошила со објавувањето на прислушуваните разговори.

– За да се надмине оваа политичка криза, ние го усвоивме пристапот на две патеки. Прво, политичкиот договор кој беше постигнат од страна на четирите политички лидери минатото лето беше решавачки чекор напред. Некои обврски се исполнети во договорените рокови. Главната опозициска партија се врати во Парламентот и Специјално обвинителство беше назначено во септември минатата година. Жал ми е што некои други рокови се исполнети со значително одложување и бараа активно вклучување на ЕУ и САД, истакна Хан.

Паралелно со политичкиот договор, според еврокомесарот, во јуни минатата година Европската комисија презентирала сет на „итни реформски приоритети“ чија цел е владеењето на правото, но тој уште еднаш потенцираше дека „политичката волја е клучна за напредокот на овие приоритети“.

– Во нашиот извештај е наведено дека Комисијата е подготвена да ја достави својата препорака за отворање на пристапните преговори со земјата, условено со континуирано спроведување на политичкиот договор од јуни и јули 2015 година и значително спроведување на итните реформски приоритети. Ние постојано ги следиме овие прашања и ќе поднесеме извештај за тоа во догледно време, дециден е Хан.

Како што со право се истакнува во Резолуцијата, меѓуетничкита состојба во Македонија, според Јоханес Хан останува слаба во земјата. Тој порача дека треба да се преземат проактивни мерки за решавање на меѓуетничките проблеми и да се изгради поголема доверба меѓу заедниците и во овој поглед прегледот на Охридскиот рамковен договор да биде завршен.

– Добрососедските односи, исто така, се од суштинско значење за земјата. Решавањето на прашањето за името останува приоритет. Земјата е исто така на линијата на фронтот на големата миграциска криза со бегалци со која се соочува Европа и Еврокомисијата останува посветена да продолжи да и помага на земјата за справување со овој предизвик, заклучи Хан.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1