Грчката полиција, денеска, на островот Кос употреби пожарникарски возила и палки против пристигнатите имигранти, информираа британските медиуми, повикувајќи се на грчката државна телевизија.
До тензии дошло откако стотици имигранти се собрале на стадион на островот за да добијат имиграциски документи.
Денешниот судир меѓу имигрантите и полицијата се случи само еден ден откако на островот еден грчки полицаец беше отпуштен од службата затоа што со нож замавнал и му удрил тупаница на еден пакистански имигрант, информираат грчките медиуми.
Островот Кос е еден од грчките острови на кои во последните недели се забележува драстично зголемување на бројот на пристигнати имигранти и бегалци.
Друг инцидент се случи денеска во Шпанија.
Групи мигранти ја нападнале денеска полицијата во популарното шпанско летувалиште Салоа, откако еден Сенегалец загина, кога падна од балкон на третиот кат од една зграда во тек на полициска рација.
Локалната полиција соопшти дека за време на судирите уапсила најмалку 12 лица.
Според полицијата, 50-годишникот загинал скокајќи во раните утрински часови од балконот за време на полициска рација, насочена против продажба на пиратски двд и друга нелегална стока во градот Салоа, јужно од Барселона.
Смртта на овој човек предизвика протест на десетина мигранти кои полицијата ја гаѓале со камења, столици и маси.