Законодавниот дом на САД е затворен откако поддржувачи на Трамп денеска упаднаа во зградата и ја опкружиле сенатската сала за заседанија на Конгресот.
Ова денеска на Твитер го објави сенаторот Џејмс Ленкфорд. Поради ова, постапката за сертификација на изборите е прекината, а од безбедносни причини на сенаторите им биле укажано да останат во салата.
Трамп испрати неколку Твитер пораки во меѓуврeме, но не кажа ништо во врска со продорот на демонстранти во Конгрeсот.
Вашингтон вечерва е под полициски час. Стотици демонстранти вечерва упаднаа во парламентот во Вашингтон во обид да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Џо Бајден на изборите во САД. Гласањето е привремено запрено, а во Вашингтон е воведен полициски час.
Демонстрантите насилно упаднаа најпрвин на влезот, а потоа почна насилно да ги крши вратите и прозорците. Полицијата се обидува да ги спречи демонстрантите со солзавец, а на конгресмените им се поделени гас маски. Стотици поддржувачи на претседателот Доналд Трамп ги пробија заштитните огради пред влезот во Конгресот и упаднаа внатре во зградата каде пратениците требаше да ја потврдат победата на Џо Бајден на претседателските избори.
Полицијата веднаш реагираше и ги евакуираше конгресмените, а од Сенатот веднаш беше извлечен и потпретседателот Мајк Пенс.
Хаотичните сцени се случуваат откако Трамп им се обрати на илјадници свои поддржувачи во близина на Белата Куќа, повторувајќи ги своите неосновани тврдења дека изборите му биле украдени со измама. И токму тоа беше поттикот, демонстрантите да упаднат во Конгресот.
Изборните претставници од обете партии, како и независните набљудувачи не најдоа никакви докази за измама на изборите одржани на 3 ноември минатата година, на кои Бајден победи со повеќе од 7 милиони гласови разлика.