Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека Косово има интерес да биде признаено од Србија, но нема да дозволи да се навлегува во она што досега го има постигнато.
– Имаме интерес за признавање од Србија и треба да преговараме, но без да се допре тоа што досега сме го создале. Доколку се случи спротивното, тогаш се загрозува државата. Ако не знаеме да го зачуваме тоа што сме го создале, не ќе можеме да чуваме ниту нешто ново што ќе создадеме, изјави Харадинај.
Тој рече дека Владата која ја води не е совршена, дека има забелешки и грешки, но сепак има и резултати.
– Ова е Влада која не се плаши од темите. Сега го имаме Интерпол, што се доживува емотивно, но е можност за Косово да се бори против криминалот. Ја имаме визната либерализација и работиме многу на таа тема. Кај образованието не сме постигнале доволно, а причината е во тоа што на маса најдов теми кои се стари и по една деценија, посочи Харадинај.