Поранешниот челник на француското разузнавање Пјер Сираму, во документарната програма за телевизијата Канал Плус тврди дека поранешниот косовски премиер и шеф на дипломатијата, Хашим Тачи работел за француската тајна служба, пренесува албанската новинска агенција Balkanweb.
Истиот извор наведува дека Хашим Тачи бил регрутиран како соработник на француската служба од страна на тогашниот разузнавачки офицер на одделот за балкански прашања Арно Дајнеан, и тоа за време на преговорите во Рамбује, во Франција.
Во документарната емисија, исто така, се тврди дека герилската војска на косовските Албанци, Ослободителната војска на Косово (ОВК- УЧК) се снабдувала со оружје преку канали во француската престолнина Париз.
Хашим Тачи, актуелен лидер на Демократската партија на Косово (ДПК), во истата документарна емисија вели дека Франција го помогнала Косово, а не него лично.