Хеликоптерот најверојатно при слетувањето удрил во антена од предавател и потоа паднал на земјата и експлодирал. Огнот е угаснат, на местото на несреќата се наоѓаат бројни полициски, пожарникарски и медицински екипи. Увидот е во тек.
Вечерва околу 22 часот се урна хеликоптер на периферијата во Струмица, недалеку од индустриската зона. Во градот се слушна силен татнеж, а кон небото се издигна чад.
Според очевидци, хеликоптерот доаѓал од правецот на Ново Село кон Струмица. На периферијата од градот леталото најверојатно удрило врз висок предавател по што се урнало, јавува Телма. Остатоци од хеликоптерот се расфрлан во дијаметар од над 50 метри. Опашот од леталото е цел, но кабината е целосно уништена и изгорена.
Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, во изјава за Либертас потврди дека има четворица загинати откако хеликоптер вечерва се сруши во Струмица. Тој се наоѓа на лице место, и како што кажа, пожарот се уште не е целосно изгаснат, но телата се извлечени.
– За жал, точна е информацијата дека се сруши хеликоптер. Јас сум веќе тука на местото на настанот. Просторот е обезбеден. Преполно е со полиција и противпожарни служби. Според првичните информации, хеликоптерот е на МВР. Жално е што има четворица загинати службеници. Најверојатно имал технички проблем. Според тоа што го кажуваат луѓето тука, хеликоптерот хаотично се движел, немал осветлување, удрил во антена, при што се слушнала силна експлозија. Која е точната причина се уште не знаеме – потврди Заев за Фокус.