Студентите кои од денеска извршија „окупација“, односно, како што велат тие, ослободување на универзитетот и воспоставување автономна зона, извршија „упад“ во емисијата на Јанко Илковски на Сител 3 телевизија. Тие вечерва ќе преспијат на Филозофскиот факултет, и планираат да останат таму и понатаму.
„Се јавувам од Скопје, од Капиштец. Јас сум студент и загрижен сум премногу за ова што се случува на факултет, не можам да дојдам како нормален студент, да студирам, да учам. Окупирано е сè, 20 – 30 студенти се собрале, сакаат да си играат тука окупација“, рече студентот, а потоа упати специјален поздрав до Јанко.
Кога водителот помисли дека конечно некој ќе се побуни против Студентскиот пленум, студентот ја заврти камерата и ги покажа своите колеги кои денес го окупираа Универзитетскиот кампус и сите започнаа да извикуваат „Автономија!“.