13-годишна Израелка била нападната со нож и убиена во својата спална соба, соопштија воените власти во Ерусалим.
Халел Јафа Ариел била убиена додека спиела во семејната куќа, во еврејската населба во Киријат Арба, на Западниот Брег.
Еден од луѓето кои се грижат за сигурноста и за обезбедувањето на населбата е повреден додека интервенирал да се фати напаѓачот кој потоа бил убиен од другите чуварите.
Според палестинското Министерство за здравство, убиениот Палестинец е 19-годишниот Мохамед Тараерех, од блиското село Бани Наим.
Вкупно 34 Израелци се убиени досега, во напади со нож, со огнено оружје или од автомобили во движење, од октомври 2015 година.
Повеќе од 200 Палестинци, главно млади луѓе, се убиени во истото ова време. Израелските власти тврдат дека најголемиот број од убиените биле напаѓачите.
Израелските медиуми пишуваат дека 13-годишното девејче било неколкупати избодено во горниот дел од телото. Тинејџерката била префрлена во болницата во Ерусалим, каде набргу починала.
Израелската војска подоцна го блокира селото Бани Наим и почна со подготовка за уривање на куќата во која живеел младиот убиец, што е вообичаена процедура на војската по ваквите напади.