Хрватска од полноќ станува полноправна, 28-ма членка на Европската унија по процесот на придружување кој траеше повеќе од една деценија.
На главниот плоштад пред собраните граѓани и високите делегации од 30 – тина држави , меѓу кои и македонската предводена од претседателот Иванов, точно на полноќ претседателот Јосиповиќ ќе прогласи дека Хрватска стана 28- мата земја членка на Европската унија.
Славењето ќе трае до 3 часот по полноќ , иако за обичните граѓани влезот во унијата е поврзан со бројни ограничувања и натамошен пад на стандардот.
До влезот на Хрватска во ЕУ поминаа 12 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, девет години од добивањето статус кандидат, додека преговорите за членство на Хрватска траеја шест години.
Барањето за членство го поднесе на 21 февруари 2003 година, а Европскиот совет тој статус и го одобри во јуни 2004 година. преговорите за членство на Хрватска официјално се отворени дури на 3 октомври 2005 година, набрзо потоа е фатен и хашкиот обвинет Анте Готовина. Преговорите ги успори блокадата од Словенија со граничниот спор со Хрватска, кој траеше од декември 2008 година до септември 2009 година.
Хрватска на 30 јуни 2012 година официјално ги заврши пристапните преговори со ЕУ, а на 9 декември потпиша Договор за пристап кон ЕУ, врз основа на кој на 1 јули 2013 година станува 28 членка на ЕУ.