Познатата хрватска актерка Долорес Ламбаша (32) починала вчера околу 14 часот во болницата Д-р Јосип Бенчевиќ во Славонски Брод. Битката за нејзиниот живот ја изгуби после сообраќајна несреќа за која беше одговорен нејзиниот колега Стојан Матавуљ (52).
Случајно или не?! Актерката која привлекуваше огромно внимание со убавината и талентот, животот го изгуби на делницата на која пред шест години почина нашиот Тоше Проески.
Интересно е тоа што и актерката и Тоше се родени во 1981 година и двајцата починаа во октомври. Проески го изгуби животот во 06:20 часот, а Долорес доживеала несреќа 10 минути подоцна.
Сообраќајната несреќа се случила во 06:30 на автопатот А3 кај Среданац. Убавата актерка во болницата во Славонски Брод била примена со тешки повреди, и била итно оперирана, но за жал не успеала да преживее.
Јосип Самарџиќ, директорот на општата болница, вели дека интензитетот на повредите на актерката изнесувал над 60 според скалата со која се мерат повредите, што значело дека се зафатени повеќе органски системи, пренесува хрватски Дневник.
Актерката ноќта пред несреќата поставила статус на Фејсбук според кој се открива дека престојувала во Илок и објавила дека се нашла со пријателка која долго време не ја видела во еден хотел во истиот град.
Од хотелот велат дека Долорес имала резервирано преноќување, но очигледно се откажала од тоа и тргнала кон Загреб.
Пред кобното враќање кон дома, актерката со пријателите на друштвените мрежи сподели информација дека се наоѓа во Илок.