Американската компанија „Мајкрософт“ е најновиот обелоденет соработник на американските разузнавачки служби, пренесе британски „Гардијан“ повикувајќи се на тајните документи што ги добил од Едвард Сноуден, кој с` уште е заглавен на меѓународниот аеродром во Москва.
Весникот посочува дека „Мајкрософт“ не соработувал само со НСА, туку и со ФБИ и дека таа соработка се одвивала за НСА да може полесно, преку „Призма“ да пристапи до базата на податоци на „Скај драјв“, кој го користат 250 милиони луѓе во светот. „Мајкрософт“ овозможил на НСА пристап и до електронската пошта која се праќа преку мејл-сервисот „аутлук“, вклучувајќи го и „хотмејл“.
Документите покажуваат дека НСА девет месеци откако „Мајкрософт“ го купил „Скајп“ имала трипати повеќе видеоповици преку „Скајп“, кои ги собрала преку својата тајна програма „Призма“. „Гардијан“ наведува дека НСА собраниот материјал често го делела со ФБИ и со ЦИА, а еден од документите открива дека програмата „Призма“ е опишана како тимски спорт. „Раша тудеј“ завчера пренесе дека администрацијата на Обама им порачала на федералците да се шпионираат еден со друг, да го набљудуваат однесувањето на колегите и да ги пријават потенцијалните откривачи на информации.