Мајчиното млеко коешто преку интернет преку групи на социјалните мрежи го купуваат бодибилдерите, пациентите заболени од карцином или едноставно фетишистите, е опасно по здравјето, предупредуваат британските научници.
Лондонскиот универзитет Кралица Мери вели дека тоа млеко е непастеризирано и може да носи опасни бацили. Тврдењата дека го јакне имуносистемот кај луѓето се лажливи и би можеле да бидат многу опасни за пациентите со ослабен имунитет, особено кај оние кои боледуваат од рак.
Тешко е да се каже колку преку интернет се продава мајчино млеко, коешто го нарекуваат и „течно злато“, бидејќи секогаш станува збор за трговија меѓу две страни.
Сара Стил од Лондонското медицинско училиште изјави за BBC дека тој пазар покажува „постојан раст ширум светот“. Таа е еден од авторите на извештајот во кој се вели дека 93 отсто од издоеното млеко кои се продава онлајн содржи бактерии, имајќи предвид дека за издојувањето не се користи стерилна опрема, ниту млекото стерилно се складира. Меѓу опасностите се кријат хепатитис Б и Ц, ХИВ и сифилис.
Самото тргување со мајчиното млеко почна да се развива, бидејќи и жените кои самите немаат доволно млеко сакаат со него да ги хранат своите доенчиња. Во меѓувреме, почна да се купува и за други цели, на пример, за обликување мускули или подигнување на имунитетот.
Стил вели дека особено е загрижена кога станува збор за луѓето заболени од рак. Кај нив, како и кај другите луѓе со намален имунитет, имуносистемот не функционира како кај здравиле лица. „Таквото млеко се рекламира како корисно за имуно системот, но всушност претставува голем ризик, луѓето се изложуваат на бактерии и вируси кои може да ја комплицираат нивната здравствена ситуација, на многу опасен начин“, предупредува научничката.
Претставници на една интернет страница за продажба на мајчиното млеко за BBC рекле дека секогаш советуваат млекото да биде пастеризира пред употребата, како и дека повеќето нивни корисници се чесни и само сакаат „да овозможат хранење на бебињата со мајчино млеко“.