Шведскиот гигант за изработка на мебел ИКЕА ќе повлече милиони гардеробери откако биле регистрирани најмалку три случаи на бебиња кои загинале откако мебелот се превртел.
Компанијата го симна производот од нивниот веб сајт во САД, но сеуште се продава во други земји, пренесува „Раша Тудеј“.
Го најавуваме повлекувањето на производот по трагичната смрт на третото дете. Јасно е дека сè уште има небезбедни производи во домовите на нашите потрошувачи и сметаме дека е правилно да преземеме одредени мерки, велат од компанијата во изјава за Си Ен Ен.
Во февруари годинава 22-месечниот Теодор Мекги беше најден под паднатиот гардеробер. Иако итната медицинска помош пристигнала веднаш, неможело да се направи ништо за да го спасат детето.
Слични инциденти се забележани во 2014-тата и во 2015-тата година. Семејствата во моментов ја тужат ИКЕА поради трагичните смртни слуачи.
Првично поради смртта на двете момчиња ИКЕА воведе програма за поправка во која беа вклучени 27 милиони гардеробери. Сега конечно компанијата најави целосно повлекување на производот од серијата Малме бидејќи сметаат дека сè уште се опасни, а претседателот на ИКЕА во САД Ларс Петерсон во изјава за Ен Би Си ги замоли потрошувачите веднаш да ги отстранат овие гардеробери.
Иако овие гардеробери се повлечени од продажба на пазарот во САД, тие сè уште се достапни во други земји, како на пример во Русија и Франција.