Во дописот испратен до медиумите а потпишан од како што е наведено, членовите на поранешниот „иницијативен одбор“ кој повеќе не постои, се вели:
Во врска со објавената информација на некои медиуми како и пренесената изјава на Наум Буревски, дека некаков си „иницијативен одбор“ бара оставка од претседателот на СДСМ Зоран Заев, Ве известуваме дека ниту таков иницијативен одбор постои, ниту пак е покрената било каква иницијатива. Ставот на Наум Буревски е негов личен став, неподдржан од никого. Причините за ваквата реакција на Буревски се на лична основа и нанесуват штета на функионирањето на партијата.
Самоиницијативното постапување на Наум Буревски во име на тој иницијативен одбор што повеќе не постои, е перфиден обид за разединување на членството и нарушување на односите во СДСМ.
Од тука, го повикуваме членството да остане единствено и да не подлегнува на валканите игри на некои самопрогласени „заштитници и душегрижници“ на СДСМ, кои на ваков начин работат во корист на власта на Никола Груевски, кој што ни е единствен противник и кој што сите заедно се бориме против неговиот режим.
Претходно во име на поддржувачите на Црвенковски се огласи Наум Буревски. Во неговата изјава се наведува дека Одборот за поддршка на Бранко Црвенковски преку отворено писмо бара оставка од актуелниот лидер на Социјал-демократскиот сојуз, Зоран Заев.
„Поднесувањето на оставката ќе значи најпаметното и најдоброто нешто што сте го направиле за партијата, откако сте дојдени на чело на СДСМ. Веруваме во Вашата доблест дека ќе го направите чинот на поднесување на неотповиклива оставка заедно со целокупното раководство за доброто на СДСМ и за доброто на сите лојални членови“, се наведува во дописот на кој е потпишан претседателот на Иницијативниот одбор, Наум Буревски.