СВР Куманово во содејство со Централните полициски служби при МВР на РМ, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и екипи на ЕВН, во текот на минатиот викенд (12/13.10.), врз основа на судски наредби изврши претреси и контроли во три угостителски објекти и тоа „Натира“ лоциран во с.Руница, сопственост на И.K. (61) од с.Руница, „Алби“ лоциран во с.Ваксинце, сопственост на А.Р. (25) од с.Лојане и „Гошинца“ лоциран во с.Черкези, сопственост на И.С (39) од с.Гошинце.
Од страна на полициските службеници се пронајдени и одземени четири пиштоли, од кои два се без дозвола за поседување и носење на оружје и тоа кај лицата А.А.(70) од Куманово и Џ.Ј. (33) од с.Мојанце, општина Арачиново, за што ке им биде поднесена кривична пријава за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, додека кај лицата А.О.(35) од с.Слупчане и А.Ш.((57) од Скопје се пронајдени пиштоли со дозволи за поседување и носење на оружје, но бидејки истите ги носеле со себе им се изречени глоби за сторен прекршок од Закон за оружје, по што ке им биде поднесен предлог за одземање на оружјето.
Во угостителскиот објект „Алби“ се пронајдени шест државјанки на Р.Албанија кои ги забавувале гостите со пеење и танцување, и истите се приведени во СВР Куманово и им се поднесени прекршочни пријави по Закон за странци, а по спроведената прекршочна постапка од страна на Основен суд Куманово се протерани од Р.Македонија.
Во угостителскиот објект „Гошинца“ во с.Черкези е пронајден и еден малолетник по 24,00 часот, за што против сопственикот ке биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Од страна на ЕВН во угостителските објекти „Натира“ и „Гошница“ е констатирана кражба на електрична енергија, за што од страна на СВР Куманово ке бидат поднесени кривични пријави по член 235-а од КЗ на РМ.
Од страна на Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд во сите три угостителски објекти се констатирани неправилности во работењето во однос на нерегистрирани трговски друштва, неиздавање на фискални сметки, непријавени работници, како и сторени прекршоци по Закон за заштита од пушење, за што им се изречени глоби во вкупен износ од околу 12.000 евра, како и забрани за вршење на дејност во траење од 15 и 30 дена.