Со судири меѓу полицијата и демонстрантите завршија вчерашните протести во Солун и Атина против Договорот од Преспа. Во грчката престолнина беа уапсени три лица, а едно беше повредено. За денеска пак, во Солун е закажан нов собир.
За време на протестот пред грчкиот Парламент се случија инциденти, откако поголема група маскирани лица ја нападнаа полицијата со пиротехнички материјали и разни предмети како дрва, камења, пластични шишиња и слично. Специјалците одговорија со употреба на солзавец и шок бомби. Инцидентите не траеја долго, ситуацијата се смири, граѓаните продолжија да протестираат, но делот околу Парламентот беше под силно полициско обезбедување.
И покрај тоа што беше најавуван како масовен, на собирот пред грчкиот Парламент имаше помалку од илјада лица, а меѓу нив Грци од сите возрасти, но и голем број свештени лица.
„Скопјане, Скопјане, никогаш нема да го земеш името“, „Македонија е грчка“, „Предавници“, беа дел од извиците на протестот.
Меѓу демонстрантите на Синтагма, присутни беа и припадници или симпатизери и поддржувачи на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствената надеж за земјата е Златна зора.
Паралелно со протестот во Атина, собир имаше и во Солун, а и таму не изостанаа инцидентите меѓу демонстрантите и полицијата. Судирите беа од помали размери во однос на оние пред грчкиот Парламент.
За денес, во 20 часот по локално време, во Солун е закажан нов протест против Договорот од Преспа, организиран преку социјалните мрежи.