Американскиот сенатор и член на моќниот Одбор за вооружени сили, Џим Инхофе тврди дека џихадистите од Исламската држава, познати по имињата ИСИЛ и ИСИС, готват план за напад на голем американски град.
-Тоа се лудаци и забрзано развиваат начин како да кренат во воздух американски град, но луѓето едноставно не сакаат да веруваат во тоа, вели републиканецот Инхофе.
Тој не изнесува повеќе детали, но факт е дека членовите на овој одбор имаат пристап до бројни класифицирани извештаи на американските служби за известување.
Инхофе го обвини претседателот на САД Барак Обама дека не е дораснат за задачата и смета дека воздушниот напад кој го одобрил на подрачјето на Ирак нема да му нанесе доволно силен удар на ИСИЛ.
-Органичените воздушни напади на претседателот нема да ги запрат, туку само привремено ќе ги пренасочат ИСИЛ. Без постојан притисок, тие ќе се прегрупираат и ќе продолжат со теророт. Ние како нација се наоѓаме во досега најопасна ситуација, предупредува сенаторот.
Во Белата куќа признаваат дека проблемот со ИСИЛ не може да се реши за неколку недела и инсистираат на тоа дека нема да пратат копнена војска во Ирак, но не ја отфрлаат можноста за ширење на воздушните напади на Сирија, каде ИСИЛ има главен град на неодамна прогласениот калифат.