Српското обвинителство за организиран криминал покренало обвинение против пет лица осомничени дека финансирале и организирале учество на државјани на Србија во војната во Сирија, но и повикувале на самоубиствени терористички напади во Белград во Рашкиот регион и во Рим, пишува во своето денешно издание српскиот весник „Ало“, пренесува Нетпрес.
Според изјава на обвинителот Миљко Радисављевиќ, под кривичен прогон се лицата Абид Подбичанин (35), Сеад Плојовиќ (31), Тефик Мујовиќ (34) и Изедин Црновршанин (35), сите од Нови Пазар. Заедно со нив обвинет е и белграѓанецот Ферат Касумовиќ (30), кој е во притвор. Со него притворени се и Црновршанин и Касумовиќ.
Во бегство се Подбичанин и Мујовиќ, на кој исто така им е изречена мерка притвор и по нив е издадена потерница. Обвинителството предложило на двајцата да им се суди во отсуство.
Обвинителот Радисављевиќ објаснил дека постои основано сомневање дека Подбичанин и Мујовиќ на почетокот на 2013 година воспоставиле врска со организациите „Исламска држава“ и Фронт Ал-Нусра, кои Обединетите нации ги прогласија за терористички.
– Нивна цел била по соборувањето на власта во Сирија, територијата на оваа земја да ја користат како база за опочнување на терористички напади во соседните држави, прво во Ирак, а потоа во други во регионот на блискиот Исток, во северна Африка, и во централна и јужна Европа вклучувајќи ја и Србија, за со насилство да створат идна глобална исламска држава Калифат, рекол Радисављевиќ.
Српското обвинителството ги товари Подбичанин и Мујовиќ дека заедно со Плојовиќ и со Црновршанин од свои истомисленици во Србија, БиХ, Хрватска, Австрија, Германија и Луксмебруг континуирано собирале пари и финансирале заминување на повеќе српски граѓани, но и лица од други земји во кампови за терористичка обука во Сирија. Според српскиот обвинител, во Нови Пазар тие на лица од Србија и од странство, им организирале прифаќање, опремување и им давале неопходни информации за потоа да заминат во Сирија.
Обвинетиот Подбичанин организирал прифаќање на лицата во градот Азаз во Сирија, од каде потоа биле упатувани во воени кампови. Касумовиќ, пак, се товари дека „врбувал едно лице да замине во Сирија, кое потоа го сторило тоа и се приклучило во редовите на ’Исламска држава’, и потоа загинало во борба“.
Мујовиќ се гони за поттикнување на извршување на терористички дела, бидејќи на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ поставил дузина содржини во кои се глорифицира „Исламска држава“, се пропагираат постапките на терористичката организација, се повикува на борба, на насилство и на убиства и се прикажуваат снимки од мапи на територија која ја контролира оваа џихадистичка група и се повикува на самоубиствени бомбашки напади во Белград во Рашкиот регион и во Рим.
Netpress