Претседателот на Република Турција во интервју за Си-ен-ен Интернешнал се обрати во врска со настаните од обидот за државен удар, на 15 јули, од страна на приврзаниците на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во редовите на Вооружените сили на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој потсети дека во моментите кога е изведен обидот за државен удар, се наоѓал на одмор во Мармарис.
„Да останев во Мармарис уште 15 минути, ќе бев или убиен или киднапиран”, рече Ердоган.
Ердоган истакна дека ги повикал граѓаните на Турција на улица за да спротивстават на обидот за државен пуч.
„Веднаш ги повикав граѓаните на улиците. Нивната првична реакција беше масовно излегување на улиците“, рече Ердоган на почетокот на разговорот.
Напомена дека никогаш во текот на таа ноќ не помислил дека повеќе нема да биде претседател на Турција.
„Никогаш тоа не го помислив. Јасно реков дека државата е нападната и дека претседателот и понатаму е на должност“, рече Ердоган.
Додаде дека терористичката организација ФЕТО со овој обид за пуч го доби најголемиот удар.
„Терористичката организација ФЕТО со ова го доби најголемиот удар бидејќи се разоткриени. Користеа оружје против луѓето, оружје купено со парите од народот на Турција“, истакна Ердоган.
Претседателот соопшти дека од американската администрација усно побарал испорачување на Фетулах Ѓулен.
„САД не би требало да задржуваат таков терорист. Ако испратиме барање, тогаш вие треба да го испорачате“, нагласи турскиот претседател, напомнувајќи дека за ден-два официјално ќе биде побарано испорачување на Ѓулен. Во случај САД да не одговорат позитивно на барањето, Турција веќе никогаш нема да испорача ниту едно лице што САД ќе го побара од Турција.
Сосема на крајот, тој напомена дека граѓаните на Турција бараат враќање на смртната казна по последните настани.
„Граѓаните бараат смртна казна. Луѓето изгубија роднини, соседи, деца. Граѓаните сметаат дека овие терористи треба да бидат убиени. Ако Парламентот на Турција донесе одлука за смртна казна, јас ќе ја потврдам“, рече Ердоган.