Веројатноста да се родат два пара идентични близнаци е 1: 70 000 000, но изгледа дека жена од Италија , доби на „биолошката“ лотарија премија со раѓањето на два пара идентични близнаци. Ова е првиот ваков случај во Европа
Италијанка родила две двојки идентични близнаци, две момчиња и две девојчиња, а тоа е прв ваков случај во италија, а можно е и во Европа, јавуваат италијанските медиуми.
Близнаците се родени во детската болница „Gaslini“ во Џенова, на 4 декември, јави Corriere.
„За прв пат во Италија, а и во Европа, колку што знаеме, две двојки идентични близнаци се родија при едно породување“, изјави Дарио Паладини, директор на болницата. „Има и други вакви случаи, но во Америка. Ова е многу ретко“.
Мари Антоанета и нејзиниот сопруг Андреа, од Сицилија, ги зачнале близнаците со ин-витро оплодување во клиника во Катанија.
Покрај тоа што, поради ризична бременост, биле советувани да се откажат од едната двојка идентични близнаци, тие одлучиле да ги задржат сите четири бебиња и да издржат до крај со оваа „авантура“.
Бебињата кои ги добија имињата Виториа, Констанца, Џеремаја и Маркантонио, се родени со царски рез во 31 –та недела од бременоста, шест недели порано од предвиденото.
И покрај тоа што се со мала тежина, сите се добро.
Компликации кај повеќедетна бременост се чести, што може да доведе и до предвремено породување.
Овие бебиња се родени по речиси една година, откако жена во Јута, САД, роди два сета идентични близнаци, но тие беа сите женски.
Во 2013 година, два сета идентични близнаци се родија во Тексас, а тие беа сите момчиња.
Има уште неколку такви случаи, сите во Америка, а шансите тоа да се случи се еден спрема 70 милиони.