Италијанската полиција уапсила медицинска сестра осомничена дека убила најмалку 38 од своите пациенти, бидејќи тие, или нивните роднини, ја нервирале. Полицајците нашле и нејзина селфи-фотографија на која медицинска сестра позира со кренати палци покрај тукушто починат пациент.
Даниела Поџали, 42, била уапсена во италијанската провинција Равена, објави италијанскиот дневен весник Кориере дела сера.
Полицијата ја сомничи дека убила една постара пациентка, Роза Калдерони, 78, која била однесена во болница со безопасна болест. Тестовите покажале дека Калдерони починала од инјектирање калиум хлорид, медицинска супстанција што може да предизвика срцев удар. Калиумот по неколку дена не остава траги во крвта на пациентот и тоа го прави случајот потежок за испитување, рекле обвинителите за Кориере дела сера.
Истрагата открила дека медицинската сестра не само што е виновна за смртта на Калдерони, туку и за смртта на најмалку 38 пациенти. Сите тие наводно биле убиени во 2014 година. Најмалку 200 сведоци дале искази против „најлошата медицинска сестра“. Полициските службеници, исто така, нашле скандалозно селфи од медицинската сестра, како насмеана и со кренати палци стои пред тукушто починат пациент, рекол главниот обвинител Алесандро Манчини на прес-конференција.
„Ве уверувам дека во сите мои професионални години гледање шокантни фотографии имам видено малку фотографии како овие“, додал Манчини и истакнал дека медицинската сестра била „невознемирена“ за време на нејзиното апсење.
„Кога отидовме да ја уапсиме, таа рамнодушно молчеше“, рекол тој.
Еден од колегите на медицинската сестра за неа рекол дека била „студена, но секогаш желна за работа“.
Другите од медицинскиот персонал во болницата додале дека се сомневале дека таа на крајот од својата смена им дава на пациентите лаксативи, лекови што ја олеснуваат или ја зголемуваат работата на дебелото црево. Тие рекле дека Поџали го правела ова за да ги изнервира и да ги посрамоти пациентите.