Поради зголемениот број на заболени од ковид-19, се одржува итен состанок на Комисијата за заразни болести. Дали и какви мерки ќе бидат соопштени, министерот за здравство најави дека ќе информира по состанокот.
Министерството за здравство соопшти дека во тек е консултација на министерот за здравство Венко Филипче со членовите на Комисијата за заразни болести, каде се анализира актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број нови случаи со ковид-19.
Од Министерството посочуваат дека ќе проследат повеќе информации по завршување на консултативната средба.
Според денешниот здравствен билтен, тестирањето покажа зголемување на бројот на позитивни случаи на корона вирусот, но и пораст на процентот на заразени во однос на бројот на направени тестови. Од 1694 тестови, дијагностицирани се 225 позитивни на вирусот, што изнесува 13,2 проценти. И соодносот на оздравени пациенти во однос на новозаразените не е поволен – оздравени се 96 лица. Починаа шест пациенти. Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 18.363, бројот на оздравени пациенти е 15.164, починале 749 лица, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.450.