Иван Лотески од охридската населба Варош од беше најсреќниот меѓу неколкуте стотини верници кои денеска скокаа по Чесниот крст што во осветените води на Охридското Езеро го положи митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј.
Иако времето во Охрид денеска беше сончево, требаше навистина да се биде одважен да се влезе во студените езерски води чија температура според утринските мерења изнесуваше седум степени.
– Скокам по крстот од мои 13 години. Денеска прв пат го фаќам крстот. Среќен сум и за ова живееме. Освен молитвна никаква друга поготовка немаме. Нека ни е за многу години празникот -изјави Лотески.
Владиката Тимотеј и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски го дарува среќниот Лотески со златен синџир со крст и икона.
Во рамки на верскиот дел од прославувањето на Водици, точно на пладне на Сараиште ќе се врши масовно крштевање во осветените езерски води.
Празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и утре со Денот на рибарите, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител.
Традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест, е своевидна атракција која привлекува многу гости во градот, а ќе биде збогатена со културно-забавна програма и со бесплатна греана ракија, пивтија и препознатливата рибна чорба.