Двојните стандарди на либералниот поредок нам ни го оспорија правото на идентитет, но и правото на просперитет, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 5. Глобален Баку форум кој се одржува денеска и утре во Баку, Азербејџан.
Говорејќи за иднината на меѓународните односи, низ призма на геополитиката и географијата, претседателот Иванов, како што е наведено во соопштението од неговиот кабинет, го посочи парадоксот со кој се соочува Македонија во однос на либералниот поредок и поривот за слобода.
Иванов истакна дека македонската независност пред 26 години започна со славење на политичкиот либерализам и на либералниот поредок, а идејата за слобода имаше моќ да го трансформира нашето општество. Македонија стана предводник на европската и на евроатлантската интеграција на регионот, рече Иванов, но сепак се соочи со голем парадокс.
– Македонија е случај на колапс на либералниот поредок по Втората светска војна. Македонија е единствена земја, што во ООН нема право на сопствен идентитет. И се оспорува правото на самоидентификација, основното право на секој поединец и на секоја држава во меѓународниот поредок. На Македонија и е скратено правото на просперитет. И се блокираат нејзините НАТО и евро интеграции. Тоа го покажува лицермерието на овој меѓународен поредок со двојните стандарди. Затоа на случајот Македонија колабира светскиот поредок и меѓународниот поредок, порача претседателот Иванов.
Сепак, дополни Иванов, поредокот е во криза, а не самата идеја на слободата, прашувајќи дали оваа нестабилност е само епизода што ќе помине или дефинирачки момент во историјата на светот.
– Во услови на криза, има само две идеи кои можат да ги мобилизираат луѓето – надеж и страв. Денес, надежта е сè поретка. А колку помалку надеж, толку повеќе страв, посочи претседателот во обраќањето.
Говорејќи за Европа, Иванов посочи дека нејзината иднина треба да се гледа како период на трансформација и подготовка за предизвиците во третиот милениум.
– Денес, кога на европската политичка сцена повторно се јавува левиот и десниот популизам, ксенофобијата, исламофобијата, исклучивоста, границите, треба повторно да се понуди нова идеја. Ова е време за пресоздавање на Европа – метаморфоза на Европа, истакна македонскиот претседател.
На Глобалниот Баку форум, во организација на меѓународниот центар „Низами Ганџави“ учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, како и претставници на Програмата за млади лидери на Глобалниот форум. Иднината на Европа, улогата на Кина во меѓународните односи, односите меѓу Русија и Западот, предизвиците во справување со модерниот тероризам, се дел од темите на кои дискутираат светските лидери во Баку.
За време на работната посета, претседателот Иванов ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, и со претседателот на Албанија, Бујар Нишани