Претседателот на државата Ѓорге Иванов на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво и на сите верници од православна вероисповед им го честита големиот христијански празник, Рожденството Христово – Божиќ.
– На првиот Божиќ, семоќниот Бог стана човек и се изедначи со беспомошните луѓе. Господ Исус Христос се роди на маргините на општеството, во обесправено и прогонето семејство кое таа вечер немало ниту свој дом. Оттука, Божиќ е израз на Божјата солидарност со луѓето. Како дел од неговата земна мисија, Тој ги исцели болните, им помогна на сиромашните, им посвети внимание на заборавените, им даде достоинство на отфрлените, надеж на безнадежните и им понуди откупителна љубов и простување на сите. Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството. Нам во Република Македонија ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда, стои во честитката.
Во неа Иванов додава дека затоа, кога се поздравуваме со радосните зборови – Христос се роди – да се потсетиме дека со Христос се роди и надежта за спасението на човештвото преку промената на човековото срце.
– Со променето срце да го празнуваме Божиќ, имајќи љубов за нашите семејства и пријатели, почит за нашите соседи и сограѓани и солидарност за сите луѓе. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите верници им посакувам домови исполнети со мир и радост, се вели во честитката.