Политичката криза стана наше секојдневие, рече претседателот Иванов во годишното обраќање пред пратениците. Во неговото обраќање освен политичките проблеми во фокусот беа и мигрантската криза и безбедносните закани. Опозициската СДСМ и коалициските партии не присуствува на обраќањето на шефот на државата.
Во изминатите шест години имавме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. Дијалогот изостана, а политичкиот воздух стана толку загаден од меѓусебни обвинувања што почна да го гуши македонското општество, рече Иванов.
„Поради политичка неодговорност го добивме „Договорот од Пржино“. Добивме договор меѓу политичките лидери на кои уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнат, да седнат и да се договорат. Наместо во институциите на државата, отидоа да се среќаваат на други места и во други формати. Ќе се воздржам од натамошен коментар, но ќе го кажам само ова: нивна беше одлуката, нивна е и одговорноста за Пржино. Оние кои си презеле обврска треба и да си ја исполнат“, рече претседателот Иванов.
Шефот на државата осврнувајќи се на извештајот на Европската Комисија рече дека неодговорното однесување на политичките партии се одразило и врз евроинтеграциските процеси.
„Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постоечки, да создаваме и нов, внатрешен проблем? Пречка за интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себе. За жал, и овој пат, оставивме тој проблем да ни го решаваат други“, рече претседателот Иванов.
Во неговото обраќање освен политичките проблеми во фокусот беа и мигрантската криза и безбедносните закани. Со акцијата во Куманово спречивме масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз, рече Иванов кој дополни дека случувањата во Куманово се пример кој покажал дека регионот најмалку соработува во безбедноста. Тема во неговото обраќање беше и мигрантската криза со ставот дека Македонија од нејзиниот почеток се потпира врз сопствени ресурски и минимални билатерални донации.